Кулминација! Точка на вриење! Момент кога веќе повеќе нема враќање. Или полуфинале или крај на шампионскиот пат. За некои ќе биде тоа големо полуфинале, за некои вообичаеност. Денеска вторник започнува четврт-финалето од Шампионската Лига. Целта на овој текст е да дадам свое видување за претстојните четири дуели, што треба да очекуваме, па и како да типуваме:
Баерн Минхен vs. Манчестер Јунајтед
Овој натпревар е премногу тежок за типување од повеќе аспекти. Од една страна го имаме Манчестер за кого стана навика да биде помеѓу најдобрите четири (најдобрите два) во Европа и еден Баерн Минхен кој после големата 2002г. и искачувањето на врвот мака мачи да дотурка до погорните фази. Моменталната форма и супериорното поминување против Милан, наспроти мизерното извлекување против момците од Фиренца говорат за лесна победа на Јунајтед уште во првиот дуел. Но, од друга страна би ги ставил и следниве факти: Германската упорност и цврстина, желбата и играњето до крај наспроти Англиското почитување на традицијата макар била таа и неповолна. А Јунајтед од неповолната традиција со Баерн треба да се плаши.
Предлог тип: Гол-Гол; Со оглед на тоа дека Баерн има доста слаба одбрана, а Руни игра во животна форма се очекува гол на гостинот. Сепак Баерн има доволно сила да одговори барем на Алијанц Арената. Барем овде ќе му покажат на Јунајтед дека не игра против Стоук или Бирмнингам.
Лион vs. Бордо
Уште од самиот почеток и тренерот и раководството на Лион дадоа до знаење дека сезонава ќе се обидат да одат далеку во ЛШ, на сметка на пласманот во првенството. А таму пак е премногу густо и тесно, но на моменти се добива впечаток дека малку им фали да се сконцентрираат и да нагазат во петта за да стигнат на позиција што води во ЛШ. Планот за одење далеку во ЛШ им оди одлично. Го елиминираат милионскиот Реал, а добија и поволна ждрепка. Лично очекувам победа на Лион и на првиот меч, но и во целокупната пресметка.
Предлог тип: 1 ; Искуството на Лион насобрано низ конзистентното играње на фудбал на највисоко ниво треба да биде доволно за почетна победа. Бордо игра одлично на гостувањата, но ова е натпревар кој Лион ќе умее на до зграпчи.
Арсенал vs. Барселона
Дуел на екипи со слична фудбалска филозофија. Екипи што играат најубав фудбал за око. Сето тоа е споменувано, пишувано и цитирано во изминативе неколку недели. Најавата за Арсенал е разнишана самодоверба после грубата „алуминиумска“ грешка на дуелот со Бирмингам. После неа тимот се чини го загуби чекорот за титулата во Премиер Лигата. Дали тоа ќе значи дека ќе одиграат максимално во ЛШ? Барселона пак како најава за оваа мега-пресметка имаше маратонски 15 дена (за кои претходно пишував) од кои излезе како победник на сите 5 меча. Полека, но сигурно ја врати стабилноста во својата игра и цврстината на одбраната. Лео Меси е во извонредна форма и треба да претставува голема закана за голот на Арсенал. Кај „топџиите“ најголема опасност очекувам да биде Андреј Аршавин и да се обиде да ги користи излетите на Алвеш и бавноста на Пујол. Оваа средба треба да ја добие оној кој ќе ја добие битката на средината. Големо прашање е дали Барса и овде ќе ја добие во своја корист категоријата посед на топка. Во досегашните 8 натпревари во просек каталонците ја имале топката 67% на натпревар. Импресивно!
Предлог тип: 3+; Овде ќе има голови. Барселона мора да даде голови и да патува на Камп Ноу со гол или два во гости. Арсенал во случај да прими прв гол сигурно ќе заигра многу отворено што автоматски треба да значи голеада натпревар.
Интер vs. ЦСКА
Морати и Мурињо добија противник кого секој потајно го посакуваше. Дали е објективно тоа? За мене е дискутабилно затоа што ЦСКА воопшто не е екипа за потценување. Жозе Мурињо ќе се обиде да го ископира дуелот со Челзи, но овој пат многу ќе внимава да не прими гол на својот терен. ЦСКА треба да одигра релаксиран фудбал, без грешки и дисциплинирано до крај доколку сака да оствари поволен резултат кој ќе даде реална надеж за надоместување во Москва.
Предлог тип: 1; Повеќе од реално е да се очекува овде чиста единица. Макар што овде доаѓа во предвид и од 0-2 гола.
***********
Како резиме за крај би сакал да истакнам дека гледајќи ја ждрепката се доаѓа до впечаток дека реприза на финалето од Рим 2009 е доста извесен факт. Но сепак има многу работи кои треба да се поклопат за да се случи таква работа. Првите натпревари нема да бидат премногу добри за око. Очекувам резервиран настап на некои од екипите како Манчестер, Интер, Бордо. Сепак ќе уживаме поради фактот што имаме пресметки – поранешни финалиња, француско дерби...
Нема коментари:
Објави коментар