ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

вторник, 23 март 2010 г.

Ревизија на маратонот на Барса

Во претходниот пост пишував за „маратонот“ на Барселона и нејзините 5 натпревари во 15 дена. Во моментот „блауграна“ момците се на пола од тој пат. Следува уште една недела во која имаат два релативно полесни меча во кои покрај одржувањето на одличната форма потребно е да се создаде и добра атмосфера пред гостувањето на Емирати кај Арсенал. Во овој пост ќе ги прокоментирам актуелните случувања и ќе дадам мала анализа на претстојните.

Како прво: Првите три натпревари од „маратонот“ поминаа резултатски успешно (а тоа е се разбира и најбитно). Поминаа во знакот на Лео Меси и неговите супер-мајстории. Тимот постигна 11 гола, а прими само два. Затоа можеме да констатираме дека Барселона се опорави од малата резултатска и играчка криза.

На дуелот со Валенсија, Барса одигра две контрастно различни полувремиња – првото во кое лесно можеше да губи и двоцифрено и одлично второ во кое Меси ја докажа својата екстра класа. За споменувања е и фактот дека Валенсија настапи со изненадувачки состав во кој ги немаше еден Мата, Жоакин, Виља (лесно повреден) итн. Сепак и покрај нивното отсуство тимот не се посрамоти на Камп Ноу, иако резултатски и не изгледа баш така. За одбележување е феноменалната игра на Давид Силва еден од кандидатите на Пеп за лево крило догодина.

Дуелот со Штудгарт беше своевидно белење на образот после срамните играчки и тимски перформанси на средбата на „Готлиб Дајмлер“. Барселона го одигра можеби најубавиот фудбал во 2010та токму на оваа средба. Победа од чисти 4:0 во која на противникот не му беше дадено ниту еднаш да шутира кон Валдес. Меси блескаше и тука.

Во меѓувреме следуваше ждрепката за ЛШ каде Барса го доби Арсенал, а потоа дуелот со Зарагоза. Освен брилијантната партија на Меси која деновиве ја величаат сите познати весници и фаци (тренери, екс-фудбалери, играчи, стручњаци ...), мене позитивен впечаток ми остави една нова одлука на Гвардиола. Имено натпреварот го започна со средина составена од тројца по вокација деструктивци – Јаја Туре, Бускетс и Кеита. На ваквата одлука влијаеше недостапноста на Чави и ротациското одморање на Иниеста меѓутоа коректноста на овој избор ја оправдувам преку следново: Барселона игра технички дотеран фудбал, со многу додавања, со огромна разлика во посед на топката во однос на противниците, со пресинг на противничката половина. Сепак ако на Камп Ноу лесно се отвараат противниците со брзи голови евидентно е дека на гостувањето таквата работа знае да биде „ѓаволски“ тешка. Затоа одлуката да се игра со физички поспремни играчи барем на гостувањата изгледа попрактична. Имено забележливо беше дека тројката од средината играше одлично (во смисла на не дозволување на развој на играта на противникот) иако тоа не беше проследено со некои атрактивни дриблинзи или интелигентни додавања. Затоа сметам дека и во иднина Пеп треба да ја користи оваа тројка во дуели со послабите екипи (кои форсираат физички фудбал) и на гостувањата. Значи Барселона носена на крилјата на Меси доби уште една партија од маратонот. Иако 2:4 и не изгледа баш најубедливо сепак оние кои гледале знаат за каква доминација се работеше. Последните 5 минути после хет-трикот на Меси беа чисто шминкање на резултатот.

Наредното што претстои се прво дуел со Осасуна на Камп Ноу и незгодно гостување на Палма де Мајорка. Веројатно на првиот дуел каде се очекува лесна победа и одмазда за неуспехот во првиот дел од сезоната (Пике си даде автогол) Пеп ќе одмори некои од стандардните (Меси е според мене прв за ротација).

Вториот натпревар со Мајорка е вистински тест, а можеби и чекор кон одбрана на титулата. Реал игра против Атлетико Мадрид што значи дека во случај на неуспех на кралевите Барса може да се врати на врвот. Треба да се потенцира дека Мајорка игра одличен фудбал на својот Оно Естади, но дали смее да одигра толку напаѓачки против Барса??? За тоа треба да се запрашаат во Мајорка. Од овие два меча очекувам полна капа - односно 6 поени.

*****

Како додаток број 1 би сакал да отворам една тема на дискусија која ќе ја разгледам дополнително во некој нареден пост: Дали Пеп премногу го користи Меси? Според мене одговорот е позитивен, а Пеп ќе мора да се запраша дали е исплатливо да ги гледаме мајсториите на Меси и при водство од 3 или 4 спрема 0 во корист на Барса. Што во случај на повреда (не дај Боже)? Затоа сметам дека барем кога Барса води Меси треба да биде поштеден, исто како што Ферги го вади Руни после час игра (на добиена партија).

*****

Вториот додаток е за анкетата која ја поставив мината седмица. Прашањето беше дали Серхио Бускетс заслужува да игра во Барса? Од Вашите 130 гласа добивме резултат:

· 64% - Да.

· 37% - Не.

· 5% - Не ја пратам Барселона.

· 2% - Не знам.

Значи според Вашето мислење Бускетс заслужува да биде дел од Барселона. Заслужува и според мене, но не како редовен стартер. Ако ги погледнеме неговите перформанси во последно време, во периодот на крајот на февруари и почетокот на март тие беа очајни. Да се надеваме дека во иднина ќе продолжи да игра послободно и со помалку грешки.

Нема коментари: