Ако пред недела дена беше лесно и можеше да се погодат или да се биде близу до резултатите на првите 1/4-финални натпревари во ЛШ оваа недела кога се играат реваншите таа работа е многу, многу потешка. Од таа причина вчера не сакав да ги прогнозирам првите два натпревари. Тие завршија со за повеќето реален конечен исход, па така се доби првата полуфинална двојака Интер – Барселона. Она што ќе остане запаметено од овие два двомеча секако не се победите на Интер од по 1:0, голот на Снајдер во Москва или двострелот на Ибра на Емирати. Ќе остане запаметено велемајсторството на Лео Меси.
Во модерниот фудбал често се гледаат хет-трик остварувања на играчите, понекогаш и по четири гола од играч, но сензацијата која ја направи Меси на Камп Ноу ќе остане запаметена и долго ќе се прераскажува. Меси ги остави во бунило Англиските медиуми, верните навивачи на Арсенал, фудбалските фанови во целиот свет, па дури и своите навивачи. Во елиминационен натпревар во кој секој потег треба да биде добро одмерен, во кој тактиката и тренерските надмудрувања најчесто се позначајни од индивидуалните мајстории и квалитети на играчите Меси успеа да се издигне над сите правила и да одигра волшебна вечер. Се, ама буквално се што фудбалско се случи на Камп Ноу овој вторник беше дело на Меси. Значи 4 гола, 2 промашени шанси за гол кои сам ги создаде, една одлична асистенција до Педро и на крај еден пробив во кој судијата не свирна пенал во ситуација кога го мина цел Арсенал. Во мене сеуште останува дилемата дали доколку Арсенал пружеше повеќе во второто полувреме Меси можеше да одигра на уште повисоко ниво и да оствари уште поголеми бројки. Сепак каков и да е одговорот на мојата дилема едно станува факт: „Меси е се понапред од конкуренцијата!“ Меѓу другото изби на врвот на стрелци во ЛШ со 8 гола и е се подалеку од сите што се во конкуренција во моментот, а стана и најдобар стрелец во Европа со 4 гола пред Вејн Руни. Последен факт што денес го прочитав е тоа дека Меси има постигнато голови на 83 натпревари на Барселона од кои Барса загубила само на еден (4:3 против Атлетико).
******
Вториот дел од постот ќе го посветам на кратка анализа на двата вечерашни дуела:
Манчестер Јунајтед vs. Барен Минхен
Иако сите традиции па и поразот во Минхен говорат против Манчестер сепак не треба да го забораваме фактот дека Јунајтед веќе десетина години е во врвот на Светскиот фудбал. Затоа на овој натпревар нема да одлучува статистиката, традицијата или моменталната форма. Овде победникот ќе го одлучи моменталната инспирација на некој од фудбалерите. Баварците во моментот имаат двајца играчи од топ-класа кои се на располагање Рибери – Робен, но кај Манчестер сеуште се присутни ветераните Сколс и Гигс кои се играчи за одлука. Дали токму некој од нив ќе бидат решавачки и вечерва останува да видиме.
Предлог тип: Навистина е тешко да се каже, но сметам дека овде може да има продолженија. Значи точен резултат 2:1 за Јунајтед!
Бордо vs. Лион
Во претходниот пост зборував дека искуството на Лион од константното присуство во елитата ќе биде пресудно за конечен пласман понатаму. И сега останува на тој став и го гледам Лион како конечен победник, но за резултат не можам да замислам како би се одвивал овој натпревар. Значи се е возможно па дури и триумф на Лион иако во таа опција најмалку верувам.
Предлог тип: ГОЛ-ГОЛ. Каков и да биде развојот на настаните овие две екипи сакаат да си докажуваат една на друга која е посилна. Битката за Франција ќе заврши со голови на двете страни.
******
За крај на постот би сакал да завршам со она што почнав – Меси и Барселона. Во сабота следува „Класиката“ во ситуација кога двете екипи се изедначени во секој поглед. Меси ја прати својата порака до Мадрид! Го очекуваме одговорот!
Нема коментари:
Објави коментар