ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

недела, 14 ноември 2010 г.

Рапсодија во сино/црвено

Сабота, 13 Ноември. Вечер за паметење во Каталонија. Вечер за паметење за искрените фанови на Барселона. Вечер на многу рекорди, но најважно од се вечер на најдобрата овосезонска партија на Барса.

Сезонава Барселона игра одлично на гости. На свој терен паднаа Атлетико Мадрид и Билбао. Барса имаше одлични партии и на домашен терен. Севиља и Панатинаикос примија „петарда“. Сепак и покрај не толку убедливиот резултат натпреварот против Виљареал слободно можам да го оценам како најдобра претстава на Барса.

Генерално формата на тимот оди во нагорна линија. Сите точки во тимот функционираат одлично во континуитет, на неколку последователни мечеви. Сепак натпреварот против „Жолтата подморница“ беше демонстрација на најдоброто од Барселона. За тоа придонесоа два фактори: 1) Одличната форма и 2) Катастрофална судиска грешка.

Натпреварот започна со фантастични 25 минути во кои Барселона приреди вистинско фудбалско задоволство. Одамна немам видено таков проток на топка, толку инвентивни додавања на средината на теренот, пронаоѓање на најдобро поставениот соиграч во поле, префрлање на тежиштето на игра во вистински момент. Сето ова можеше да се види од Барселона во тие први 25 минути. Во нив падна и првиот гол. Акцијата започната од „архитектите“ на Барса Чави и Иниеста, ја заврши Виља со интересно гол решение - го мина Марчена со мало поткопување на топката, за подоцна смирено да реализира. Сепак во овој период се случи и нешто скандалозно. Одново по феноменална акција од средината Меси беше проигран во празно. Педро дури и реализираше во ситуација кога остана без голман пред голот на противникот, но линискиот судија подигна знаменце за офсајд. Скандалозно! Прецизните аналитичари брзо после натпреварот преку ТВ снимката открија дека Меси бил 1.2 метри поназад од последниот одбранбен играч на Виљареал. И најлошо од се. Тимот излезе од колосек. Во следниот напад Нилмар постигна гол после одлична соло акција и лошото покривање од Абидал. До крајот на полувремето Барса играше нервозно и исфрустрирано. Се коментираа судиските одлуки кои до крајот на полувремето беа коректни, но судиите го навлекоа гневот на гледалиштето.

Во вториот дел тимот се смири. Потребни беа 5-6 минути за Барса да ја заигра својата игра. Експлозијата дојде по 13минути. Меси одигра неколку еден-два додавања со Педро за во свој стил да реализира со лоб од мртов агол. Ремек дело на „аргентинскиот волшебник“. Најважно од се работите беа поставени на свое место. До крајот на мечот се очекуваше се да помине мирно, но се случија уште неколку занимливи моменти. Судијата не го исклучи Максвел во ситуација кога фаулираше играч на Виљареал кој беше во позиција за гол, а резултатот го затвори Меси со гол од класична офсајд ситуација. По којзнае кој пат Меси забележа double-score зад своето име.

Фантастичната претстава на тимот вечно ќе ја памети Карлес Пујол – долгогодишниот капитен на тимот кој го одигра 500тиот натпревар во тимот. Голема чест за капитенот, голем јубилеј за еден професионален фудбалер. Доколку остане да игра до 40ка како што најави неколку пати оваа бројка може да оди далеку нагоре.

За крај уште еднаш ќе потенцирам дека ова беше најдоброто од Барса за оваа сезона, против најдобриот противник кој истрча од другата страна на теренот. Иако многумина го издвоија Лео Меси како играч на мечот сепак таа одлука е претешка за донесување. Дани Алвес остави 200% од себе на теренот, Иниеста имаше брилијантна партија и премногу убави дриблинзи и потези (буквално ги излуде халфовите на Виљареал), Чави беше маестрален, Бускетс одличен како трансмитер во акциите, Пујол стандардно добар во расчистување на опасностите, Максвел се подобар и подобар. Според ова јас би кажал дека ТИМОТ е тој кој заслужува оценка за најдобар на натпреварот. Тимот кој влегува во фантастична форма пред долго очекуваниот спектакл – Понеделник, 29 Ноември „Ел Класико“.

среда, 13 октомври 2010 г.

Европски квалификации, Македонска приказна ...

Поводот што по подолго време пишувам текст се Евро квалификациите и Македонската по малку тажна приказна во истите. Доста интересни и заплеткани изгледаат групите по 4 одиграни кола. На некои места патниците за ЕВРО 2012 веќе се наѕираат, други групи пак како нашата се тотална мистерија. Да сум до толку наивен и да не го користам здравиот разум би можел да напишам – „Дури и ние имаме шанси да фатиме приклучок“. Но за жал не е така! Навистина тажно!

Македонската фудбалска репрезентација е навистина чудна приказна. Таман сите ќе кренат раце од неа, ќе одиграме мизерна партија против административците од Андора (откако напуштиле од работа), ќе се изрезилиме до крај против Ерменија и повторно искра надеж, повторно нешто неочекувано – одличен натпревар против Русија, добра тимска партија – арно ама пак приказната завршува (овој пат) со незаслужен пораз. Натпреварот против Русија докажа едно најдобри сме кога се браниме со бункер тактика и дека дури ни против селекции како Андора и Ерменија не треба да се занесуваме со претерана офанзива – едноставно толкави ни се напаѓачките способности (Пандев извини ти си исклучок).

Што се однесува до Русите навистина треба да бидат пресреќни што заминаа дома со полни раце, иако ништо не покажаа. Полека, но сигурно се покажува дека „Словенечката шлаканица“, не целосно ја научиле. Сепак и покрај бледилото од „Филип Втори“ Русите се први во групата и така и ќе презимат.

Што се однесува до нас едно мало БРАВО! Искрено не очекував добра игра после 60тата минута кога најчесто паѓаме и излегуваме од колосек. Спротивно од тоа машки нападнавме токму во тој период кога сфативме дека противникот не е ништо посебно (барем денеска не беше). На судијата нема што многу да му се лутиме иако беше некако расеан на целиот натпревар. На Илчо нема што да му замериме иако промаши пенал. Слободно може да го прогласам за играч на мечот бидејќи се што се случи по интересно и тој беше тука. Штета за пеналот, но кога срцето се остава на терен публиката знае да награди.

Останатиот дел ќе го прокоментирам во неколку реда: Фантастични три репрезентации непобедливи и убедливи – Холандија, Шпанија, Германија. Едноставно незапирливи за своите противници. Германија до душа имаше не ресепектабилен противник, но оваа и победата над Турција и максималните 12 бода говорат сами за себе. Холандија не запира и продолжува да игра допадлив фудбал и да реди победи изразени со голема гол разлика. Незавршената работа во ЈАР ја преточија во позитивна енергија и максимална 12ка на стартот од ЕВРО квалификациите. Шпанија е уникатна фудбалска машина. Иако тимови машини користиме за екипи базирани на физичка сила и воиграност, оваа е со малку поинаков карактер. Убавината во играта, секој потег на теренот од бек – до центарфор, секој дриблинг, гол или проигрување – сето тоа Шпанците го претворија во уметност. Кога без на пример еден Чави, еден Цеск Фабрегас се гази Шкотска (иако резултатски не така изразено), а противникот ќе се „стави во шише“ тоа е само демонстрација на моќ на актуелниот светскиот владетел.

Деновиве по социјалните мрежи пишував на тема англиски фудбал инспириран од нечовечност на Де Јонг и кршењето нога на противникот при што судијата не свирна ни фаул. Тематиката во тие написи беше Англискиот фудбал – добро прикажан на телевизија, преноси со многу камери, репетиции, полни стадиони (пред се, дури и кога играат Кру – Нортемптон J). Но поентата е нешто сосема друго – позади целата таа добро организирана претстава стои неквалитетен фудбал – традиционалистички, долги топки, „тепање“ по теренот, остра и груба игра (толерирана од судиите), повеќе црномурести орачи по теренот отколку бразилски магионичари, повеќе британски воинствени фудбалери, отколку креативци. А публиката – иста како и фудбалот премногу врзана за традицијата. За стартот на Де Јонг следуваше „нормална“ бууурна реакција од целото гледалиште бидејќи нивниот „воин“ машки се бори. „Ако сакате борба организирајте гладијаторски игри!“ Затоа каков е фудбалот во лигата такви се и резултатите на репрезентацијата. Мизеријата против Црна Гора, Тунис на СП, Македонија и неинвентивноста се последица на играњето таков фудбал во првенството. Доколку нешто не променат (а тешко менуваат) нема да се потсетат долго на 1966.


вторник, 21 септември 2010 г.

Фудбалски викенд

Прекрасен фудбалски викенд се наоѓа зад нас. Екипите ги добиваат своите физиономии и го презентираат начинот на кој ќе играат во текот на сезоната. Полека, но сигурно гигантите го засилуваат темпото и влегуваат во посакуваниот ритам. Се случија неколку дерби пресметки. Конечно почнува да се игра вистински фудбал. Викенд програмата ја одбележаа две имиња – Бербатов и Де Геа (се разбира во позитивна смисла) и повредата на Меси (во негативна). Еве ги нафрлени моите коментари за викенд случувањата:

Димитар Бербатов – Само позитивни зборови за човекот од соседна Бугарија. Еден од најобвинуваните луѓе од навивачите на Јунајтед за „посната“ ланска сезона. Играчот за кого Алекс Фергусон одвои цели 30 милиончиња, а доби премалку. Но, Ферги ретко греши при големите трансфери. Во неделата Берба одигра животна партија и потсети на златните мигови од времето кога играше за Тотенхем. Бербатов прикажа се на овој натпревар – лесен прв гол, ремек дело со полу-ножички (гол за кој верувам дека пола од напаѓачкиот крем во Европа не може ни да сонува) и гол винер со глава со човек на себе. Импресивна статистика на Бугаринот. Иако во моментот Јунајтед делува анемично и дезориентирано ваквиот импулс од напаѓачот може многу да значи во продолжение од сезоната.

Давид Де Геа – Голманот на Атлетико Мадрид имаше фантастични 60 минути на својот „Винсенте Калдерон“. Велам 60 минути поради фактот што во периодот после 30тата минута го спаси Атлетико од вистински дебакл на дуелот со Барселона. Иако во моментот поради неголмански причини е дури четврти чувар на мрежата на Шпанија сепак партии како оваа можат да му донесат само голем прогрес и стандардно место во „Фуријата“.

Арсенал – Старата топло-ладно приказна! Жална приказна! Раскошен талент, течна игра, убава за око, но без ефект, без титула, без карактер. Статистиката на Арсенал во овие 5 кола и не дава право за остри и негативни коментари, но храбро ќе Ви предвидам дека приказната за Арсенал нема да има happy end ни на крајот од оваа сезона. Губењето бодови од просечни екипи каде само двајца играчи знаат да шутнат кон вашиот гол значи само едно – сеуште не сте го изградиле победничкиот менталитет. Дека приказната од лани се повторува говори и новата повреда на Цеск. Повторно клучните играчи почнуваат да се повредуваат на секој втор натпревар. Се чини проблемот на Венгер станува хроничен, односно упорно го форсира својот стил без никакви промени. Венгер се обидува да направи Арсенал како оној од времето на Анри, Пирес, Љунгберг, Беркамп, но проблемот е што од овие талентирани млади дечки (Волкот, Насри, Вилшер, Бендтнер...) само Фабрегас има карактер на погоре споменатите.

Манчестер Јунајтед – ситуацијата во Манчестер е доста интересна. На прв поглед се чини како Ферги пред почетокот на сезоната да имал состанок со Гигс и Сколс и да се договориле: „Ајде да го минеме Ливерпул по бројот на титули и одиме во пензија“. Секоја чест „ВЕТЕРАНИШТА“! Рајан Гигс и Пол Сколс се живи фудбалски легенди. Еден Дарен Флечер, еден Стивен Џерард, еден Керик може да се срамат кога ги гледаат овие бисери на британскиот фудбал. Да играш со исто срце, со истата желба за триумф, со истиот жар, со многу помала фудбалска кондиција на триесет и кусур години, тоа е нешто за респект. Сепак како што тргнале работите ветераните немаат поддршка од остатокот (барем засега): Руни е во очајна форма, Валенсија скрши нога, Флечер и Керик се катастрофа, одбраната со раставено дуо Рио-Видиќ е бледа ... Единствено квалитетот на Фергусон како стратег дава надеж дека Јунајтед може да се крене и да експлодира. Само да не биде доцна?!

Ливерпул – од очај во подлабок очај. Имав можност да следам неколку средби во Лига Европа. Колку само неубедливо делуваат против ништожни екипи. Иако играат со комбиниран тим на тие средби сепак тој податок кажува за длабочината на тимот. Сезоната за нив не би требала да биде поразлична од лани. Доколку стигнат до четворката треба да ја слават како да победиле. За Ливерпул, за тимот со најдобра публика – премалку.

Челзи – застрашувачки делува оваа машина на стартот од сезоната. Некои злобници ќе речат дека Челзи имаше лесни противници, но еден факт е јасен: загарантирана најдобра гол-разлика по само пет кола, убиствен напад, расположен Флоран Малуда, моќен Есиен, гранитна одбрана. Се ама баш се говори дека Челзи ќе ја одбрани титулата во Англија. Од почит кон Фергусон, не сакам да се осудам да го промовирам Челзи во старо-нов првак по само 5 кола.

Интересна ЛА ЛИГА – коментарите за Примера Дивизион ги оставам за целосен пост посветен на Шпанија. Само како вовед можам да спомнам дека Реал полека заличува на Мурињо-тим, но стабилно гради цврст менталитет. Барселона се опорави после киксот со Херкулес со две екстра победи. Првите три кола навестуваат два + еден битка за титулата (Барса и Реал + Атлетико).

П.С. Најнегативниот настан е повредата на Меси и бруталниот старт на Томас Ујфалуши. Среќа за љубителите на добриот фудбал е дека магијата на Меси ќе се врати за 10тина дена.

П.П.С. Задолжително погледнете го голот на Јари Литманен со ножички!

недела, 22 август 2010 г.

Каталонска Симфонија

Прекрасна вечер за секој фан на Барселона. Една од најубавите. Отстранување на сомнежите за мотивираноста на членовите на „казнената експедиција - Блауграна“. Сомнежи за мотивираноста знаејќи го фактот дека дури осуммина од Барса станаа светски прваци, дел од нив се носители и на Евро титулата, а повеќето членови на тимот се носители на двојниот триплет титули од пред две сезони. Брилијантна партија на целиот тим кој покажа дека доколку е комплетен и вака обединет сеуште му нема рамен во Евро фудбалот. Не мора сите да се сложите, но ваква демонстрација на моќ над ни малку наивната Севиља е навистина за респект. Да ја задржите Севиља на помалку од два удари кон вашиот гол – тоа е навистина фантастично, но најмногу од се - не со дефанзива тука со комплетна офанзива, посед на топка, надигрување и демонстрација на напаѓачка моќ.

Пеп одново остана доследен на своите убедувања и визии за клубот за претстојната сезона. Одново покажа дека Ибрахимовиќ не е дел од неговите планови за стартните единаесет, па дури ни во резервната тројка што вообичаено влегува во игра. Сеуште сметам дека Ибра може да биде корисен, посебно на средбите со екипи кои негуваат деструктивен и затворен фудбал, но за да добие статус на редовен стартер ќе треба мнооогу, многу да докажува низ текот на сезоната. Минатата сезона Гвардиола покажа дека може да се потпре дури и на Бојан во ситуација кога Ибра играше фрустрирачки слабо. Сега кога пристигна фантастичниот Давид Виља и кога „деветката“ е се поизвесна позиција за Меси се наметнува прашањето каде и дали воопшто има место во составот за Швеѓанецот?

Еден од фактите што радува е блескавата партија на Лео Меси и неговиот шести хет-трик во дресот на Блауграна. Уште еднаш докажа дека е број еден, дури и во ситуација кога е недоволно физички спремен. Новото засилување за Барселона – Давид Виља уште еднаш покажа дека фантастично комуницира со Иниеста на теренот. Нивната одлична конекција на Мундијалот за едно полувреме ја пресликаа и на овој дуел. Полека но сигурно се создаваат две убиствени тандем линии – Чави+Меси и Иниеста+Виља надополнети од извонредните офанзивни бекови Алвес десно и Максвел лево.

Сезоната за Барселона започнува со трофеј. Надминат е дефицитот од првата средба. Една од екипите кои редовно најмногу даваат против Барселона (заедно со Реал, Атлетико и Виљареал) е демолирана на Камп Ноу. Порака до цела Шпанија – „Најдобри сме и сеуште мотивирани и гладни за успеси“! Ако по утрото се познава денот како што вели народната поговорка – за Каталонската гордост претстои уште една прекрасна сезона. Овој мундиалски состав со „првата виолина“ и „златна топка“ Лео Меси, еден од најдобрите десни бекови Дани Алвес, одличниот Абидал и младинската машинерија (Бојан, Хефрен, Дос Сантос, Тиаго...) ветува такво нешто. Додатен импулс би требало да биде скапото градење на Мадридскиот конкурент и „прес-харизматичниот“ Мурињо.

Нека ни е честита првата титула на сите фанови на Барселона.