Еден ден после завршувањето на еден од
најбурните викенди во поновата спортска историја мислам дека лека полека сите
се оладивме. Не знам дали поради невработеност, менталитет, моментна еуфорија
или некој друг социолошки фактор во последно време нацијата премногу е врзана
за ТВ екраните. А таму или турски серии или спорт. За оние кои повеќе го
практицираат второто во последните две недели се случуваше вистински рај за
очи. На 200/400 километри од Скопје се играше Европското во ракомет, во
Австралија првиот Гренд Слем во годината, во Холандија европско во ватерполо.
Ако по малку сте изненадени од насловот време е да ви објаснам:
Македонија како никогаш досега
настапуваше на големо натпреварување во непосредна близина, во соседна Србија,
земја со сличен менталитет, земја на кафеани, пеачки, добри наваивачи,
гостопримливи луѓе, големи срца. За прв пат во спортската историја испративме
една репрезентација (ракометната) помалку или повеќе уверени дека праќаме
квалитет кој може да направи резултат. И во право бевме – имаме голем ракометен
квалитет. Имаме голем играч (мега ѕвезда), искуство на играчи кои играат/ле во
странство, играчи од домашното првенство кои играат среда-недела во
евро-куповите и регионалната лига, интересни голмани...
На крајот останавме со две работи:
Позитивното искуство и петтото место, нешта кои сами по себе ја разоткриваат
поентата на насловот – А можевме повеќе да имаме сега! Од сегашна гледна точка
можам слободно да кажам дека можевме да имаме МНОГУ многу повеќе – најмалку пиедестал.
Вака од “трофеите” го имаме најдобриот стрелец на сите времиња, кфалификации за
Олимпијадата 2012, најдобрата публика видена на ракометните натпревари до сега
и ниту еден играч во тимот на првенството. Иако и ова е одлично достигнување за
аутсајдер репрезентација на која на почетокот и се предвидуваше “скромното”
12-то место, сепак кај мене, а верувам и кај многумина од вас остана оној
“горак укус уснама”! Против подоцнежниот шампион Данска имавме напад за победа,
а загубивме со гол во последната секунда, на Германија и подаривме триумф од 1
гол разлика, Шведска ја испуштивме од рака за скромно нерешено, ги победивме Чешка,
Полска, Србија и Словенија. Никој не не надигра, никој не не понижи, против
сите бевме најмалку рамноправни, но фалеше некој фактор-Х, а него го немавме.
Ја имам две причини за ваквиот епилог:
Звонко Шундовски и Кире Лазаров.
На клупата имавме еден просечен тренер
со слаб авторитет помеѓу играчите, особено што некои од нив споредбите ги
прават на релација Червар-Шундо. Тренерот многу често се двоумеше кога/дали да
викне тајмаут, делеше смешни совети на паузите, не смееше да му приговори на
Лазаров...
Може ли да му се суди на најдобриот
стрелец во историјата на евро шампионатите? Кој сум пак јас? Со кое право можам
да кажам дека втората причина за нашето 5-то место е Кире Лазаров? Најдобрите
играчи во една екипа не секогаш се најдобриот стрелец или асистент. Залудни се
и 20 гола по натпревар ако твојата екипа губи. Залудна е секоја твоја
статистика ако те нема кога му требаш на тимот. Залудни се индивидуалните
квалитети ако во соблекувалната не си заедно со другите или на паузите водиш
кавга со тренерот или вториот по вредност играч во репрезентацијата. На лице
место во “Арена” можев да видам препирки Кире-Мојсовски, прашања упатени кон
Шундовски – “Звонко бе, што правиш, бе Звонко?” Кире наметна лоша атмосфера
околу себе уште на првите натпревари. Без потреба се форсираше и самиот си
создаде товар што на неколку средби не успеа да го издржи. А немаше потреба од
тоа. Оваа репрезентација има играчи што знаат да одиграат еден на еден, играчи
што знаат да направат акција 5 против 5 (кога на Кире му се игра фластер), оваа
репрезентација го имаше тоа што ни недостигаше пред 2, 5, 15 години. Најдобар
пример за добар лидер на репрезентација може да ни биде Микел Хансен од Данска.
Голем гаф направи ЕХФ што Хансен не беше прогласен за МВП. Тоа е играчот кој
знаеше и по 10 минути да седи на центарот со фластер до себе, да дреме цело
полувреме само додавајќи и играјќи за другите (и во напад, и во одбрана), но во
5 минути да даде 6 гола, да украде топка и направи контра. Сепак при сето тоа
да биде смирен, да не покажува емоции се до крајот. На крајот одеше и ја
одпоздравуваше публиката.
Кога сме кај Хансен и Данска тие се
најдобрата приказна од ЕП 2012. Типично скандинавски, смирено, скромно, лесно
стигнаа на врвот со чиста како солза победа во финале против домаќинот и
жешката атмосфера во “Арена”. Од прва до последна минута го одржуваа водството
над Србија, не давајќи му на домаќинот ни да помисли за победа. Играа
фантастична, но не груба одбрана. За разлика од Германија на пример, која
играше “месарска” одбрана, овде видовме една чиста, подвижна игра во дефанзива,
без груби фаули, без картони и исклучувања.
Македонските ракометари ја кренаа на
нозе цела Македонија за што говори посетеноста на натпреварите во живо, атмосферата
во кафулињата, кафаните во МКД, следењето на ТВ, коментарите на социјалните
мрежи. Доколку се направи добра анализа, доколку сами ги увидат сопствените
грешки, доколку останат сите играчи здрави до пролет оваа екипа може да стиге
до Олимпијадата. Сите тоа го посакуваме. Ние сме благодарни за сево ова што ни
го приредија. Благодариме македонски ракометари! Бевме горди македонци овие две
недели. Европа слушна што е добро навивање! Ние навивачите тестот го положивме
со 10ка! Вие ракометарите за нијанса послабо... Должни сте! Долгот наплатете го
во април ... јас продолжувам да си пеам ... “А можевме, повеќе да имаме
сега...”
Нема коментари:
Објави коментар