ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

недела, 22 август 2010 г.

Каталонска Симфонија

Прекрасна вечер за секој фан на Барселона. Една од најубавите. Отстранување на сомнежите за мотивираноста на членовите на „казнената експедиција - Блауграна“. Сомнежи за мотивираноста знаејќи го фактот дека дури осуммина од Барса станаа светски прваци, дел од нив се носители и на Евро титулата, а повеќето членови на тимот се носители на двојниот триплет титули од пред две сезони. Брилијантна партија на целиот тим кој покажа дека доколку е комплетен и вака обединет сеуште му нема рамен во Евро фудбалот. Не мора сите да се сложите, но ваква демонстрација на моќ над ни малку наивната Севиља е навистина за респект. Да ја задржите Севиља на помалку од два удари кон вашиот гол – тоа е навистина фантастично, но најмногу од се - не со дефанзива тука со комплетна офанзива, посед на топка, надигрување и демонстрација на напаѓачка моќ.

Пеп одново остана доследен на своите убедувања и визии за клубот за претстојната сезона. Одново покажа дека Ибрахимовиќ не е дел од неговите планови за стартните единаесет, па дури ни во резервната тројка што вообичаено влегува во игра. Сеуште сметам дека Ибра може да биде корисен, посебно на средбите со екипи кои негуваат деструктивен и затворен фудбал, но за да добие статус на редовен стартер ќе треба мнооогу, многу да докажува низ текот на сезоната. Минатата сезона Гвардиола покажа дека може да се потпре дури и на Бојан во ситуација кога Ибра играше фрустрирачки слабо. Сега кога пристигна фантастичниот Давид Виља и кога „деветката“ е се поизвесна позиција за Меси се наметнува прашањето каде и дали воопшто има место во составот за Швеѓанецот?

Еден од фактите што радува е блескавата партија на Лео Меси и неговиот шести хет-трик во дресот на Блауграна. Уште еднаш докажа дека е број еден, дури и во ситуација кога е недоволно физички спремен. Новото засилување за Барселона – Давид Виља уште еднаш покажа дека фантастично комуницира со Иниеста на теренот. Нивната одлична конекција на Мундијалот за едно полувреме ја пресликаа и на овој дуел. Полека но сигурно се создаваат две убиствени тандем линии – Чави+Меси и Иниеста+Виља надополнети од извонредните офанзивни бекови Алвес десно и Максвел лево.

Сезоната за Барселона започнува со трофеј. Надминат е дефицитот од првата средба. Една од екипите кои редовно најмногу даваат против Барселона (заедно со Реал, Атлетико и Виљареал) е демолирана на Камп Ноу. Порака до цела Шпанија – „Најдобри сме и сеуште мотивирани и гладни за успеси“! Ако по утрото се познава денот како што вели народната поговорка – за Каталонската гордост претстои уште една прекрасна сезона. Овој мундиалски состав со „првата виолина“ и „златна топка“ Лео Меси, еден од најдобрите десни бекови Дани Алвес, одличниот Абидал и младинската машинерија (Бојан, Хефрен, Дос Сантос, Тиаго...) ветува такво нешто. Додатен импулс би требало да биде скапото градење на Мадридскиот конкурент и „прес-харизматичниот“ Мурињо.

Нека ни е честита првата титула на сите фанови на Барселона.

Нема коментари: