Фудбалскиот настан за кој четири години сонуваат врвните фудбалери од денеска влегува во нова фаза – фазата на елиминации. Од овде враќање нема. Само една репрезентација ќе го изоди овој пат непоразена. Останатите како во популарниот квиз ќе бидат „најслаби алки“.
Најпрвин поради одржување на континуитет ќе ги искоментирам во едно второто и третото коло на шампионатот. Во претходната колумна го опишав првото коло како едно од најлошите воопшто на светските првенства. А имаше и зошто. Видовме катастрофален фудбал подреден на тактиката, со копирање на делови од „Мурињо стратегијата“ за успех. Следните две кола донесоа далеку повеќе. Имаше и овде калкулантски натпревари, здодевни ремија, неефикасни средби, бункери пред гол и од се по нешто, но најважно од се – конечно видовме и неколку извонредни средби. Карактеристика на СП 2010 и на овие две кола е сепак нешто друго. Испаѓањето од игра на двата финалисти од СП 2006 Франција и Италија. Според она што како играчки кадар го понудија „азурите“ нивната елиминација и не изненадува многу, но имаа релативно лесна група. Французите пак според играчки индивидуализам и квалитет во „ростерот“ можеа да се пофалат малку повеќе, но кај нив фалеа две многу значајни работи – добар тренер и заедништво. Тие две работи не ги пронајдоа и затоа срамно го напуштија шампионатот.
Првата фаза во кратки црти изгледа вака: Најголеми пофалби за одат на сметка на Аргентина и Холандија за нивните сто настотни игри. Бразил и Португалија се прошетаа во „Групата на смртта“. Шпанија во последното коло мораше да докажува кој е кој. Јапонија и САД демонстрираа дека се физички најспремни репрезентации на СП. Србија се посрамоти. Германија и Англија можеа многу подобро. Конкакаф зоната има 5 од 5. Мексико има одличен состав и тренер. Чиле е фактор, а не аутсајдер. Австралија одигра најубаво второ полувреме. Виља е човекот на првенството до сега. Словачка е изненадување. Гана е единствена африканска што помина.
Сепак ова е делот од СП 2010 кој нема да се памети премногу. Вистинското започнува со ¼ финалето. Калкулациите повеќе не се во игра. Вистинскиот фудбал започнува. Поради познатиот изглед на победниците кои вкрстуваат некои уште од сега почнуваат да го типуваат финалето, па дури и победникот. Сепак она што е најважно и што стои како факт е дека – кој и да го освои Светското Првенство мора да ги елиминира најдобрите екипи на светот. Дали во финале или ¼ финале сеедно.
Најинтересни елиминациони натпревари би требало да бидат Германија – Англија и Шпанија – Португалија. Дуелот на „Панцирите“ со „Гордиот Албион“ станува вистинска класика. Формата на Англичаните не ветува премногу, но како што изјави Капело – „На оваа селекција и е потребна само мала искра за да го покаже најдоброто од себе!“ Таа искра е присутна и се очекува некој да ја испали. Кандидатите се многу. Германија е екипа за големи натпревари. Индивидуално не се сјајни, но тимскиот дух како и секогаш ги краси. Доколку ја играат познатата дисциплинирана игра и имаат свој ден можат да поминат понатаму.
Дуелот за Апенините е дуел за докажување. Роналдо против Шпанија или „Фуријата“ против „Белите Бразилци“. Формата на Шпанија не ветува премногу, но полека се создава хемија помеѓу играчите. Португалија демонстрираше сила против С. Кореја, но и две неубедливи реми средби. Кој ќе биде посконцнтриран на овој дуел? Ќе одигра ли Кристијано совршен натпревар? Ќе ја одиграат ли совршената „Тики-Така“ Шпанците?
Покрај двата шлагери, престојат уште 6 интересни средби со што ќе се добие кругот од 8 величествени. Тука продолжуваат елиминациите до конечниот победник. Како што започнав, така и завршувам: СПЕКТАКЛОТ ЗАПОЧНУВА!
Нема коментари:
Објави коментар