Спортот и спортистите се горди што секоја четврта година имаат Олимпијада. За повеќето спортисти постигнувањето на успех на Олимписките Игри е нешто најголемо и најдраго во кариерата. Фудбалерите пак се едно мало подмножество на спортисти за кои постои едно натпреварување што е подраго да се освои – СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО во фудбал. На секои четири години Светот застанува и еден месец дише во такт со збиднувањата на Фудбалскиот Мундијал. Годинава за прв пат во историјата Светското Првенство, 19то по ред се игра на „Црниот Континент“ во Јужно Афричката Република. Во стандардниот формат – групи од по четири екипи, па нокаут фази за најдобрите две од секоја група преку 64 натпревари во точно 1 месец ќе дојдеме до Светскиот Шампион кој наредните четири години до СП 2014 во Бразил ќе биде на тронот.
Учесници на СП 2010 се во моментот најдобрите 32 селекции на планетава (без Хрватска и Русија) кои се изборија за настап преку квалификации и баражи. Од нив само 7 селекции го имаат почувствувано пехарот во своите раце (некои по повеќе од еднаш). Значи остануваат 25 репрезентации кои ќе се обидат по прв пат да застанат на врвот, а меѓу нив и такви кои во моментот се сметаат за големи фаворити меѓу кои Шпанија, Португалија и Холандија. Целта на мојот пост е да направам една кратка воведна анализа на учесниците, фаворитите, прогноза за можен победник, репрезентации изненадувања, можни негативни изненадувања итн.
Она што може да се забележи од сликата е добро избалансираниот ждреб. Во секоја од групите имаме благ фаворит во смисла на поголемо искуство на големите натпреварувања и трофеи, но и одлични предизвикувачи составени од играчи кои претставуваат значајни алки во своите екипи. Многумина ја нарекуваат групата Г како „Група на смртта“, но прашање е дали истото не може да го кажеме и за групите А, Е и Ф? Во останатите четири групи редоследот е доста извесен и покрај тоа што навистина ништо, ама баш ништо на овој Мундијал не може да се земе како ИЗВЕСНО.
Репрезентации кои се во најтесниот круг за освојувачи се 1) Бразил, Аргентина, Шпанија, Холандија и 2)Англија, Италија, Германија. Намерно правам дистинкција на првите како репрезентации што играат убав фудбал за очи, но имаат во своите редови и winer-играчи и вторите – репрезентации кои знаат да добијат големи средби иако според квалитетот и убавината на фудбалот се еден ранг подолу. Збор-два за секоја од споменатите:
Бразил со своето педигре (5 титули) и многу, многу квалитетен фонд на играчи е неизбежен во листата на фаворити. Аргентина има премногу силен напаѓачки арсенал и најдобриот во последниве две сезони Лионел Меси. Можеби Марадона е најслабиот дел на оваа репрезентација, но гледајќи како ги прегрнува своите фудбалери на секој натпревар и повторно ќе речам убиствените стрелци задолжително е местото на Аргентина меѓу топ фаворитите. Шпанија и Холандија се двете селекции кои според мене имаат најмногу квалитет на различни позиции. Шпанците доаѓаат по двојна круна како победници од Европското. Тимот е мешавина на Барса + Реал (13 играчи) зачинет со уште неколку поединци (Торес, Навас, Силва). Имаат се што е потребно за да бидат на врвот. Најмногу ме плаши лош ден на целата селекција (како против САД на Купот на Конфедерации). Холандија е секогаш меѓу топ фаворитите. На ова СП би требало да одат далеку затоа што играчите се во вистински години за триумф. Робен и Снајдер имаа блескави сезони, Ван Перси се врати во одличен ритам после долгата пауза, Ван Бомел гарантира непробивна средина, Кајт, Ван дер Варт и неколку млади момци од Ајакс ветуваат највисок пласман.
Втората група фаворити ќе ја искоментирам во неколку заеднички реченици. Станува збор за репрезентации кај кои главна одлика е победничкиот менталитет пресликан од силината на нацијата воопшто. Тоа се репрезентации кои не играат фудбал за око, но едноставно знаат да се мотивираат и да одиграат феноменално. Играта им се базира на умртвување на противничката и давање голови по грешка на противникот. Можеби Англија малку отскокнува од останатите две, но освен јачината на Руни и негови добри партии не гледам друг адут кај нив за титула.
****
Како позитивни изненадувања најчесто се споменуваат две селекции – Србија и САД. И моето мислење оди во таа насока. Србија и САД задолжително ќе ги поминат своите групи, но дали и која од нив ќе има среќа (пред се со следниот противник) останува да видиме. Србија има одлични поединци. Нивната игра треба да биде слична на фаворитската тројка број два (Италија, Англија, Германија). Малку разочараа на подготовките, но се разбира вистинскиот збор треба да го кажат овде.
****
Како негативно изненадување типувам на Франција. Негативно во смисла на неминување на групата. Французите се во група со домаќинот и две Американски селекции со огромен потенцијал. Прегледувајќи ги нивните настапи на СП 2006 година и тогашниот фудбал и она што во моментот го играат имаме голем пад. Дали Гуркуф може да го замени Зидан? Дали Рибери може да биде носител? Дали Анри има сила во нозете за успех? Премногу ДАЛИ!
****
Почнува СВЕТСКОТО. Ќе уживаме заедно во следниве 30тина дена. Ќе коментираме и спориме за натпреварите. Ќе разменуваме мислења и правиме резимеа за секоја одделна фаза, за секоја позначајна средба. Шармот на овој Светски Шампионат е огромен. Се надевам дека ќе имаме што да видиме од фудбалерите. Нека победи НАЈДОБРИОТ.
Нема коментари:
Објави коментар