ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

четврток, 17 јуни 2010 г.

Анализа на првото коло од СП 2010


Мојата последна колумна имаше наслов СП ЈАР 2010 – бесценето. Целиот свет замислуваше нешто бесценето. Прекрасно Светско Првенство, прекрасен фудбал, многу голови, убави потези, уживање на публиката. Меѓутоа...!? Иако е премногу рано после само едно коло да се донесува генерален заклучок за целото СП, сепак во моментот може да резимираме едно од најлошите први кола на Светските првенства.

Во еден мој текст од поодамна ја начнав дилемата дали изедначеноста на екипите значи намалување на квалитетот? За жал одговорот на ова прашање тежи кон позитивен. Како што тргнале работите во модерниот светски фудбал токму тоа се случува. Атомскиот фудбал со премногу трчање е присутен и почнаа да го играат дури и најслабите репрезентации. Па така помина времето кога можевме да гледаме како Бразил се поигрува со противниците од Азија, Африка... , како Франција доминира во своите натпревари, како индивидуалци од калибар на Робен, Кристијано, Роналдињо сами играат и ја забавуваат публиката. Во моментот како навистина да е дојден еден период кога имаме изедначување на квалитетот на екипите. Се помалку индивидуалните мајстории се гледаат на терените. Едноставно нема слаба репрезентација и нема лесен противник за никого.

Поткрепа на претходниот параграф е токму поминатото прво коло. Кое може да го изанализираме како премногу бавно, „бункерашко“, неефикасно, позиционо, резервирано, дипломатско, тивко... Карактеристика се малиот број на постигнати голови по средба и неколкуте изненадувачки реми средби на селекциите кои се сметаа за фаворити на почетокот. За изненадување може да се смета слабата партија на Англичаните, ремито на Франција со Уругвај, ремито на Италија, тешкиот пораз на Шпанија, неможноста на Португалија да се доближи до петерецот на БСК, поразот на Србија од Гана ... Дали тоа се изненадувања и само лош ден на фаворитите, потценување на противникот или нешто трето останува да видиме во следните две кола кои за некои од репрезентациите значат се или ништо. Токму поради тој факт и незавидната положба на некои од селекциите очекувам Светското Првенство да мрдне од „мртва точка“. Очекувам далеку поотворени натпревари и се разбира она што сите го очекуваме повеќе голови.

Како најпозитивно нешто што се случи на ова СП може слободно да кажам е репрезентацијата на ГЕРМАНИЈА. Великанот од селекција со три титули зад себе и уште неколку изгубени финалиња прикажа најдобар фудбал и го обели образот на фаворитите. Тоа беше единствениот натпревар во кој една репрезентација го понижи својот ривал. Доминантно, едноставно, лесно, комбинаторно, воиграно селекцијата на Германија презентираше прекрасен фудбал со кој само им најави на Србија и Гана дека следните нивни средби ќе им бидат пекол. Се покажа дека повредата на Михаел Балак може да дојде како нешто добредојдено. Бастијан Швајнштајгер одигра една зрела партија, поткрепена и поддржана од услугите на Кедира, секогаш одличниот Филио Лам и играчите од типот на Клосе и Подолски кои секогаш дават 200 посто за репрезентацијата, а многу помалку за своите екипи. Германците на оваа средба навестија дека се фактор и покрај тоа што немаат мега-ѕвезди во составот. Останува да видиме дали ќе го задржат истиот ритам и на следните натпревари.

одлична партија на Германците

Малку пофални зборови можам да дадам и за Холандија и Аргентина. Популарните „лалиња“ победија една силна репрезентација на Данска, но и тие одиграа премногу резервирано. Она што може да ги радува нивните фанови е фактот што оваа репрезентација има одлични замени на крилните позиции, па евенуалното отсуство на Робен, Кајт или некој друг лесно можат да го покријат со свежа крв од клупата. Аргентина одигра несвојствено за селекцијата која ја води Марадона. Едноставно и тие влегоа доста претпазливо, на крајот дури и премногу резервирано го штитеа својот гол, но сепак ја остварија целта. Сеуште не ги гледам Аргентинците како топ фаворит поради некреативната средина. Индивидуализмот е она што најмногу од сите го имаат. Дали магијата на Меси, Тевез, Милито, Агеро ќе дознаеме во елиминационата фаза.

Како добар предвесник воведната средба од второто коло започна со убедлива победа на Уругвај над домаќинот ЈАР од 3:0. Ако по утрото се познава денот не очекуваат подобри денови!

Нема коментари: