ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

вторник, 20 април 2010 г.

Преку Берово за Ниш

Помалку чудно, но сепак и тоа се случува. Цела Европа е воздушно блокирана од Исландскиот вулкан и неговата пепел. Вулканот не го интересираше, а и не можеше да претпостави дека во фудбалска Европа следниве три дена се играат најважните натпревари во Шампионската Лига и Лигата на Европа. Претходно споменатата неприлика ја натера експедицијата од Барселона да патува до Милано на нестандарден начин – преку Кан за Милано („Преку Берово за Ниш“) .


Барселона како така го заврши нестандардното патување. Во стил на кадетска екипа од Балканот кога учествува на значајно натпреварување „блауграна“ момците со модерен автобус поминаа скоро 1000 километри за да стигнат на време за мега дуелот со Интер. Така е трети пат сезонава, но овој пат премногу различно. Се е исто, но толку различно! Ќе биде ли ова трета среќа за Интер или Барса повторно ќе ги направи „нероазурите“ гледачи плус на нивниот стадион (во правата средба беше така)?

Лани додека мојот блог одеше на друга платформа имав една анализа за натпреварот на Барселона со Интер на Камп Ноу. Моите претпоставки за силните страни на Интер и предноста во однос на Барселона за таа средба не се покажаа како исправни. Барселона без Меси и Ибрахимовиќ го прегази Интер во блескаво тимско издание и фантастични перформанси на средниот ред предводен од Чави и Иниеста. Во тој пост наведов три работи што може за Интер да значат предност: екс-мадридиста фудбалерите, Самуел Ето и факторот Жозе Мурињо. На таа средба ниту еден од овие фактори не направи некаков ефект. Дали може да се повтори истата ситуација. Познавајќи го последниот од трите фактори – Жозе Мурињо сметам дека „Специајлниот“ нема повторно да ја повтори истата грешка. Ова се негови дуели, ова се натпревари на кои секогаш знаел да постави добра тактика и што е најважно да добие посакуван и поволен резултат. Сепак од друга страна Барселона во моментот има тренер за почит во Пеп Гвардиола. Младиот стручњак е современо тренерско изненадување и освежување во таа категорија во фудбалскиот свет. Можеме да се чудиме и да останеме со подотворени усти гледајќи ги успесите на Гвардиола во една година, но и шареноликоста во тактиките и приодот кон секоја средба на неговиот тим. Затоа ако некој смета дека Интер на овој меч е во голема предност поради факторот Мурињо – се лаже!


Сепак постои еден друг фактор што на овој двомеч може да се покаже како многу поважен за Интер. Самуел Ето е играч со форма во нагорна линија и играч за решавачки средби. Ако на првите две средби со својот поранешен клуб не дојде до збор – дали е ова време и место да го каже решавачкиот збор? Оставам голем простор дека Ето ќе биде еден од клучните во евентуален триумф на Интер.

Во однос на Барселона и нејзините клучни состојки за комплетен триумф над Интер (после двата меча) тие се повеќе од јасни. Дисциплинирана тимска игра подредена на Меси, голем придонес на играчите на кои противниците забораваат (Педро, Кеита) како во дуелот со Реал, расположен Златан Ибрахимовиќ и добра одбрана. Она што не и одговара на Барселона е средба како онаа со Еспањол. Иако Гвардиола на оваа средба не го покажа препознатливиот стил на игра наметнат во последните месец дена сепак слободно може да се каже дека ваква средба некогаш мораше да дојде. За Барса истата може да биде и од голема корист, односно како еден вид предупредување. Подобро против Еспањол отколку против Интер. А што приреди Еспањол? Агресивна игра со бркање далеку на половината на Барселона и ситни ама чести фаули на средината на теренот. Откако „еспањолците“ се изморија и требаше да бидат егзекутирани на сцена стапи арбитерот со сомнителен црвен. Главната грешка на оваа средба според мене е обидот за копирање на истата тактика од Ел Класико. Но, Гвардиола овој пат играше против екипа која не знае да нападне, за разлика од Реал. Можеше Барса да чека на своја половина и 180 минути, а да не дочека повеќе од 5 истурени играчи од противникот. И со играч помалку во ситуација кога Барса заигра со 3 + 3 (напад - средина) играчи се виде дека тимот е многу покомбинаторен и поопасен. Сепак мина таа тешка средба и Пеп не би требало да ја повтори истата стратегија. Против дефанзивни тимови таква не проаѓа!

За крај на анализата би сакал да го споменам единственото фудбалско вредно од Македонија – Горан Пандев. Пандев е играчот со кој треба да се гордееме сите. После полусезонската голгота дочека да игра во фантастичен тим и да стигне до врвот на фудбалска Европа. Лично сметам дека на оваа средба ќе добие шанса од клупата бидејќи на Мурињо му се потребни повеќе тркачи отколку креативци. Се надевам ќе има што да покаже нашиот Гоче во овој двомеч, па и дека ќе постигне и гол. Сепак тој веројатно ќе биде доволен само за нашата македонска фудбалска историја. Конечен триумф на Интер е тешко остварлива опција со оглед на тоа што го има Барса да го понуди. Колку и да звучам пристрасно ова се години во кои Барса пишува досега невидена фудбалска историја. Барса игра феноменален all round фудбал, фудбал против сите тактики, против сите деструкции, против сите фолиранти. Сепак - Фудбал е! Ќе видиме!

Нема коментари: