ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

понеделник, 25 јануари 2010 г.

Казнена експедиција

Не е тешко да се погоди која е „казнетата експедиција“. БАРСЕЛОНА!!!

Заврши полусезоната за екипите во Шпанија. Се одиграа 19 кола од Ла Лига. Барселона слично како и лани ја мина целта како прва. Убедливо, без ниеден пораз, без ниту една дамка, со 15 победи, со 49 погодоци, со само 10 примени, со фантастична игра на сите терени каде што се појави, доминантна на „Камп Ноу“. Тоа беше Барселона во овие 19 изминати натпревари.


Заслужните за овој фантастичен скор се следниве:

Виктор Валдес – Голманот на Барселона кој не е некој омилен лик кај неутралните љубители на фудбалот. Ги знаеме неговите испади и слаби реакции на почетокот на кариерата. Сепак Валдес е сосема поразлична приказна во последните неколку сезони. Барселона доби стабилен чувар на мрежата. Единицата на Барселона веќе не служи за потсмев. Иако упорно е изоставуван од Шпанската селекција (заслужува да биде резерва), сепак оваа полусезона ја обележа во голманска смисла. Најдобар голман во Примера!

Дани Алвеш – Екстра офанзивниот десен бек на Барселона. Едно од ретките работи кои Пеп не ги наследи од ерата на Рајкард. Пеп го купи најдобриот десен бек (со Маикон се разбира) во светот. Играше одлично и во Севиља, но во Барселона ги докажува супер квалитетите. Оваа полусезона игра стандардно добро. Слободно може да се каже дека неговото офанзивно присуство ја олеснува работата на Меси за 50%.

Ерик Абидал – Дали чекаше да добие вистинска конкуренција за да се разбуди? По се изгледа – Да! Абидал беше најслабата карика во тимот лани, но со купувањето на супер талентираниот бразилец Максвел, Ерик Абидал доби конкуренција која на некој начин го разигра и мотивираше. Одигра блескаво до сега.

Карлес Пујол – Капитенот е приказна за себе. Оваа полусезона играше доста стабилно. Искуството на Пујол е неизмерно богатство за тимот. Вистински лидер. Натпреварот против Реал останува како едно од неговите најдобри изданија во кариерата.

Џерард Пике – Новиот Франц Бекенбауер како што го нарекуваат. Една од најхаризматичните личности во тимот. Уникатен и посебен на свој начин. Знаеше да повлече во средината, да даде гол, да асистира. Пике прераснува во еден комплетен и одличен дефанзивец. (Што ли испушти Сер Алекс од раце)?

Чави Хернандез – овде не треба да се трошат зборови. Гордоста на Ла Масиа и оваа сезона игра брилијантно. Освен асистенциите и комплетното држење на играта во свои нозе,треба да се истакне дека ги одигра сите 19 натпревари (18 како стартер).

Андрес Иниеста – Сезонава нема постигнато гол, но вистинските познавачи на фудбалот знаат колку значи за играта на тимот. Дури ни Чави не е истиот без него. Иниеста овие две години го достигнува фудбалскиот лимит. А неговиот лимит е огромен. Меѓу првите 5 средни играчи во светот.

Серхио Бускетс – Го ставам него во овој мој прв тим на полу-сезоната затоа што од дефанзивните средни играчи имаше најмногу настапи. Лично не сум љубител на неговата игра. Поседува свои квалитети, но неговата партиципација во тимот ми дава за право да се прашам: „Има ли неговиот татко удел во сето тоа“?

Тиери Анри – Докажаната ѕвезда и втор по неделната плата во Барса. Неговите 2 гола се премалку. Се поизразена е неговата некоординираност и се послабо се разбираат со Меси и Ибра. Дали се во прашање годините?

Ибрахимовиќ – одличен старт, слаб финиш! Неочекувано падна во формата за што е и самокритичен. Сепак 11 гола, 10 асистенции, голот на „Ел Класико“ се работите кои се бројат. За играч кој доаѓа од средина со сосема различен менталитет на игра одлично и брзо се вклопи во супер-атрактивната фудбалска машина Барселона.

МЕСИ – Дефинитивно е играч број еден во овие 19 кола. Повторно покажа се од најдоброто. Прв стрелец со 15 гола, реши голем дел од средбите, беше лидер во повеќето, егзекутираше кога Барса водеше, реализираше кога беше најтешко. Браво за Меси! Секој чест!

Резервистите би ги искоментирал заедно. Педро одигра интересна полусезона и се наметнува за првата постава. Кркиќ покажа дека знае да игра на дуелот со Тенерифе. Се надевам ќе ги дочека своите 5 минути. Маркез и Чигрински се доста слаби и сеуште залутани во тимот. Милито се враќа. На портите на првиот тим чукаат Хефрен и Дос Сантош. Кеита е одличен и имаше забележителни натпревари во серија. Јаја Туре се враќа од КАН. Неговите минути доаѓаат наскоро.

Тоа е се за „казнената експедиција“ – Барселона. Следува еден период каде Барселона игра 5 седмици само за викендите. Тоа е добро за одмор на играчите и вадење максимум на мечевите. После тие 5 седмици доаѓа згуснатиот распоред среда - сабота. Дотогаш Барса веќе ќе има солидна предност пред конкурентите.

Нема коментари: