ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

петок, 15 јануари 2010 г.

Фудбалски свет!!!

Случувањата во фудбалскиот свет во последно време се сè поинтересни! Фудбалската магија на целата планета предизвикува возбуда и задоволство. Сепак постојат три точки кои според мене вистински го отсликуваат последниот период: големата изедначеност на екипите во поголемите светски првенства, кризата во Ливерпул и Купот на Африканските Нации (КАН). Некои други теми како на пример елиминацијата на светскиот фудбалски владетел Барселона од домашниот куп ги оставам за друга прилика.

Мојата прва точка е онаа за изедначеноста на екипите. Истата можеме да ја почувствуваме низ следењето на редовните кола од првенствата, а веќе ја видовме и почувствувавме и во групната фаза од Шампионската лига. Сепак ако за некои првенства како Бундес Лигата и Француската Лига таа изедначеност е присутна веќе 5-6 години наназад, најголемо изненадување годинава е Премиер Лигата. Овде изедначеноста е страшно изразена. Ако до лани зборувавме и ја употребувавме синтагмата „големата четворка“, годинава веќе треба да употребуваме бројчано многу поголем втор збор во истата. Пред стартот на сезоната се зборуваше за моќта на Манчестер Сити и вмешување на овој тим во „четворката“, што и се случува, но изненадува тоа што екипи како Тотенхем, Астон Вила, Сандерленд, Фулам и Бирмингем се достојни ривали и играат без респект кон „големите“. Веќе не се изненадување, туку станаа навика поразите на Манчестер на гостувањата, Челзи губеше од Виган, кој пак беше демолиран од Тотенхем, Арсенал губи бодови кај ќе стигне, Сандерленд може да победи секого и дома и на гости... Сето ова е помалку изненадувачко, гледано и споредувано со претходните години. Главното прашање овде е: „Дали изедначеноста значи подобрување на помалите или пак значи намалување на квалитетот на поголемите екипи“? Според мое лично убедување второто е поблиску до вистината. Значи постои еден тренд на намалување на квалитетот на големите екипи, па така амбициозните мали екипи се почесто прават изненадувања во дуелите со нив.

Кризата на Ливерпул е доста интересен момент во овој дел од годината. После сезона како ланската, во која цело време беа рамо до рамо со Јунајтед и можеби заслужија титула, сезонава гледаме еден катастрофален Ливерпул. Ливерпул кој испадна во фазата по групи во Лигата на Шампиони, Ливерпул кој беше 11 меча без победа на официјален натпревар, Ливерпул кој нема сврзано две победи по ред кој знае од кога... Капак на се е елиминацијата во ФА Купот од второлигашот Рединг. Поголема срамота не можеше да му се случи на најтрофејниот клуб на Островот од ваков срамен пораз од нисколигаш.

Причините за катастрофалната сезона на Ливерпул некои ги бараат во повредите на дуото Џерард-Торес, меѓутоа тим со толкава традиција не смее да бара вакви оправдувања. Секогаш треба да се најде алтернатива за повредените, секогаш треба да има трета опција. Според мене ретки се тренерите, колку и да биле успешни со некој клуб, кои успеале да одржат константен последователен успех без да ја променат или модифицираат филозофијата на игра (меѓу ретките се Сер Алекс и Венгер). А Рафа Бенитез ни од далеку не се обидува да ја смени. Постојано го игра истиот стил на исцрпувачка пресинг игра, без некоја посебна креативност на играчите од средината (со исклучок на Стивен Џ.) и со давање на голови од контри или при грешка на противничката одбрана. Така Ливерпул ги добиваше екипите од првата половина на табелата, а доста потешко, но сепак ги добиваше и помалите. Но, годинава таа игра која се повторува неколку години наназад е добро прочитана, па Ливерпул ќе треба доста да поработи за да смени нешто во последната третина од Премиер Лигата. Да бидат работите уште пострашни Торес ќе го нема два месеци, Бенајун се прогнозира дека ќе биде отсутен 4 месеци, а Џерард во следните два натпревари. Полошо од ова здравје!

И за крај Купот на Африканските Нации. Купот кој почна со нецивилизираниот напад врз репрезентацијата на Того. Овој куп е доста интересен од повеќе аспекти. Не дека се игра некој допадлив или особено возбудлив фудбал, но и овде може да се види по некоја атракција или да се пронајде „работлив“ фудбалер за големите екипи. Затоа скаутите и оваа година сигурно ќе имаат што да понесат во своите тефтери.

Во однос на првите неколку натпревари се случија две огромни изненадувања. Прво неможноста на Брегот Слонова Коска да постигне гол и покрај доминацијата против Буркина Фасо и второ поразот на Камерун од Габон. Во однос на останатите натпревари може да се каже дека се работи за доста изедначени екипи кои играат фудбал без некој посебна креативност, а разликата ја прават играчите кои играат во поголемите клубови во Европа.

Овој куп иако е оспоруван од тренерите на големите екипи поради тајмингот сепак е добар и може да биде многу значаен за екипите учеснички на СП 2010. Лично од ова натпреварување очекувам победа на БСК, која е фантастична селекција на фудбалери бисери кои играат по екипи како Челзи, Барса, Сити... Реализацијата е главниот проблем на оваа селекција, а како мал недостаток е немањето играч за врска со квалитетите на еден Чави. Сепак доколку проработи нападот составен од Дрогба, Калу и Жервињо се друго освен триумв на „Слоновите“ ќе биде изненадување.

*****************************************************************

*****************************************************************

п.с. Очекувајте добитен тикет за викендот!!!

Нема коментари: