ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

четврток, 20 мај 2010 г.

Рецептот за да се освои Лигата на Шампиони

Лигата на Шампиони на УЕФА е натпреварување со голема традиција. Колку и да се залажуваат некои фанови дека титулата од домашните првенства за нивните екипи претставува поголем престиж се лажат. Самиот факт дека од титулата во првенството не се добива никаква награда говори во полза на тезата за поголемата вредност на титулата од Шампионската Лига. А добивките во последните години се различни, но во просек последните неколку победници инкасираа на своето салдо добивки од околу 40 милиони евра. Годинашната Лига на Шампиони е пред крај, односно остана да се одигра уште финалето помеѓу Баерн и Интер. Шампионот ќе го дознаеме во сабота, но ајде да направиме еден мал преглед за тоа кој е рецептот за да се освои ЛШ.

Ако се земе во предвид податокот дека ниту една екипа ја нема освоено два пати по ред (ЛШ во форматот од 1992 па наваму) доаѓаме до неизбежниот заклучок дека рецептот е ѓаволски тежок. Состојките кои се потребни се уште потешки за наоѓање, а нивно добро компонирање за да се постигне саканиот резултат исто така. Морам да го нагласам ставот дека секоја година не победува најсилниот состав. Меѓутоа победникот си е победник, па гледајќи од таква перспектива никој после 15 години нема да се сеќава на фактот дека победникот за одредена сезона не бил најквалитетен.

Најчестите состојки за успех се добар стратег, екипа со традиција, екипа што знае да одигра на резултат, екипа што знае да одигра нокаут рунда, квалитетна екипа, среќа ... Кога човек ќе ги погледне наведенинте состојки редоследно веднаш за нив може да се врзат по една или повеќе екипи или актери: тренер - Мурињо, екипа за нокаут рунди - Ливерпул, среќна екипа освојувач - Манчестер, квалитетна екипа - Барса, Реал, Милан ...

Би сакал да образложам некои од примерите:

Состојката тренер што одвел екипа до триумф ја доделив на Мурињо од времето на Порто (постои можност да го повтори и со Интер). Значи еден од најголемите Португалски клубови (после Бенфика) можеме слободно да кажеме дека имаше златна генерација на играчи (Деко, Карваљо, Фереира...) меѓутоа елиминирањето на противници од ранг на Јунајтед е залуга на извонредниот тренер. Мурињо направи вистинска револуција со тој тим на Порто, па така големи пари се свртеа во клубот, а профитираше и тој самиот со преминот во Челзи. Нешто слично е и со Интер. Од губитнички тим со многу мала самодоверба (во Евро Куповите) Мурињо изгради еден стабилен Интер достоен за почит.

Ливерпул го ставив во екипи кои знаат да одиграат елиминациска рунда (двомеч) од причина што тимот знае да добива мечеви дури и кога има неповолен резултат на домашен терен. Значи тоа е тим кому не му пречи дали возвратниот дуел го игра дома или на гости. Со еден збор можам да кажам дека тој е еден од тимовите што играат со срце дури и кога се квалитативно послаби од противниците.

Квалитетна екипа освојувач. Ова категорија ќе предизвика полемика кај читателите бидејќи станува збор за субјективна категорија (секој си го замислува квалитетот на свој начин). Сепак мојот избор за квалитетен состав освојувач би бил: Барселона 1992, Реал 2000, Ајакс 1995, Милан 1994. Секако и полуписмен човек може да ги одвои ваквите освојувачи од на пример титулите на Порто, Јунајтед, Ливерпул. Тоа се трофеи остварени со убедлива игра низ целата сезона во ЛШ.

Категорија среќа. За оваа категорија или состојка за освојување може да кажеме дека е присутна во сите претходни. Можеме да кажеме дека Барса го имаше најквалитетниот состав во 2009, но мина полуфинале со гол во последна минута, Милан го победи Јуве 2002 без Недвед во здодевен натпревар на пенали, Ливерпул во 8 минути стигна 3:0 и победи на пенали над Милан итн. Сепак најдрастичен е примерот на Јунајтед во 1999 кога добија финале во две минути откако неможеа 90 минути да состават две додавања.

Како ќе го окарактеризираме годинешниот победник? Премногу тешко прашање. Но, она што би го напишал за Интер во случај да победи секако би важело и за Баерн во случај да го стори истото. А зошто? Затоа што тоа се две слични приказни, два слични патишта, а слободно можам да кажам дека следниве 5-6 години нема да помирисаат слична прилика да играат финале (останува да ме демантираат)!

Баерн Минхен. Докажано тренерско име со специфична фудбалска филозофија, доста оспоруван во минатата сезона, а имаше и зошто. Сепак годинава е на пат да освои тројна круна што навистина не е нималку лесна работа. Баерн е екипа со извонредна традиција во Лига на Шампиони и една од екипите кои играат со срце и во ситуации кога се послаби од противниците. За Баерн важат сите принципи на Германската фудбалска филозофија - игра до последен свиреж, трчење во сите 90 минути и нема лесно губење на средбите. Патот до финалето беше навистина тежок. И ако во ноември никој не им даваше шанса сепак успеаа да го фатат последниот воз во групата и да влезат во нокаут фазите. А имаа релативно лесна група. Сепак на крајот дури во последното коло мораа да победат кај Јуве. И победија! Следуваше тежок двомеч со Фиорентина. Судиската грешка од Алијанц Арената полека паѓа во заборав, но не и за „виолетовите“. Она што „Баварците“ ги прави заслужени финалисти се секако ОГРОМНАТА победа над Јунајтед и демолирањето на Лион. Главниот играч во скоро сите решавачки моменти кај Баерн е Арјен Робен - играч што не му беше потребен на Реал Мадрид (во сезоната без титула). Играч-џокер - Ивица Олич - „спасителот од нула евра“.

Интер. Фантастичен тренер - веројатно најдобриот во таа категорија на денешницата. Бледа сезона во ланската Шампионска Лига, но годинава доби ултиматум дека мора да оствари резултат токму тука. И Интер е во битка за тројна круна, но за разлика од Баерн Минхен повеќе од 30 години нема почувствувано финале, а повеќе од 40 години титула. Во однос на фудбалската филозофија тоа е би рекол синтеза на италијанското катанаџо и тактиката на Мурињо - важно е да се победи без некоја посебна убавина. Патот до финалето за Интер беше навистина тежок. Во групата со Европскиот владетел и двата големи тима од источниот блок лесно можеше да му се случи прерана елиминација. Висеа на конец со Динамо во Киев, а тешко поминаа и во решавачкото коло со Рубин. Она што ги прави залужени финалисти се елиминациите на двата гиганта - Англискиот и Шпанскиот првак. Дуелот со ЦСКА беше лесна „домашна задача“ за тренер од калибар на Жозе. Главниот играч кај Интер оваа сезона е (иронично) Весли Снајдер - играч што не му беше потребен на Реал Мадрид (во сезоната на залудно потрошени 250 милиони евра). Играч - џокер е Диего Милито. Сепак мора да се признае одличниот кадровски менаџмент и пополнувањето на слабите позиции со одлични засилувања - најпрво Милито и Мота, па Ето, па Лусио преку Снајдер до зимското откритие Горан Пандев.

За крај на овој пост би завршил со заклучокот дека завршува уште една сезона од Шампионската Лига интересна и привлечна од почеток до крај. Новиот шампион ќе освои „триплет“ титули и ќе биде во позиција да игра за 6те возможни титули во една сезона (нешто што само Барса лани го направила). Постои опција Македонија да добие освојувач на титула во името на Горан Пандев. Со нетрпение го очекуваме финалето!

среда, 28 април 2010 г.

Барселона vs. Интер (preview)

Добровечер дами и господа присутни пред малите екрани! Ова е реваншот од полуфиналната пресметка помеѓу Барселона и Интер. Интересно е тоа дека Интер е во голема предност пред возвратниот дуел. Замислете, Интер славеше на „Џузепе Меаца“ со 3:1. Да ви ги најавам составите...

... 12та минута пробив на Меси по десната страна додава ниско по земја за Ибрахимовиќ и 1:0 води Барселона...

... Тотално затишје и едните и другите како да стравуваат од резултатот...

... 56 минута 2:0 Чави до Меси, а овој постигнува прекрасен гол со шут откосо од 15ина метри...

... Хазардерска игра на Жозе Мурињо. Нешто на што сме навикнати од него. Во игра го внесува Балотели на местото на Валтер Самуел. Мора да се брка поволен резултат и да се постигне толку посакуваниот гол.

... Месиииии и 3:0! Ураган на Камп Ноу ...

...Барселона му докажува на фудбалскиот свет дека во моментот е неприкосновен владетел!

******

Вака почитувани читатели замислуваат и за тој резултат сонуваат поголемиот број љубители на Каталонскиот гигант – Барселона. Вистина или Предизвик!? Моментот на вистината за кој една недела чекавме е денеска – среда 20:45 на феноменалниот Камп Ноу. Со специјално креирана кореографија која ќе ја направат над 90 илјади фанови сите облечени во дресови на Барселона, со песна од нивните грла, со навивање кое ќе го направи секој играч на Барселона многу помоќен од бледите перформанси на Меаца ... Да таков ќе биде амбиентот за најважниот дуел за цела Каталонија!

Сите па дури и најбитните фаци во Интер беа свесни и свесни се дека и со 3:1 не завршиле скоро ништо на нивниот стадион. Затоа Интер ќе мора да одигра уште една блескава партија за целосно да ја совлада Барселона. Дали Интер и способен за такво нешто останува да видиме. Има ли Мурињо уште еден „Ас из рукава“ (што би рекле србите)? За да дојдеш на Камп Ноу и да ја победиш Барселона треба многу повеќе од тактика. Многу повеќе од трчање и „паркирање на автобус“ пред својот шеснаесетник. Сепак Интер против Челзи покажа дека знае да одигра и поинаку од она што сите за него знаат и што од него очекуваат.

Барселона е стандардно добра пред своите гледачи. Штудгарт прими 4 гола, Арсенал исто толку. Штудгарт го виде големиот Меси и Арсенал го виде големиот Меси. „Џузепе Меаца“ го сокри Меси! Дали ова ќе биде негова вечер? Во едно свое интервју Гвардиола рече: „Тој ќе им врати“! Го знаат тоа сигурно од Интер. Доколку малиот генијалец има своја вечер за нив ќе биде претешко. Сепак она што и треба на Барселона е ладна глава и играње на својата игра. Убиствен пресинг на одбраната на Интер и стабилна дефанзива која нема да греши. Ќе биде потребна и мала среќа, но и рано отварање на резултатот (задолжително во прво полувреме). Доколку се влезе со 0:0 во второ полувреме притисокот ќе биде преголем за континенталниот владетел.

Тактиката на Гвардиола против тактиката на Мурињо. 11(+90.000) против 11. Дефинитивно финале пред финалето. Ја очекуваме најголемата пресметка видена последните неколку години. Дали Каталонија ќе има уште еден празник или ќе плаче? Ќе биде ли Меси одново задржан од дефанзивата на Интер? Ќе проработат ли повторно Милито и Снајдер? Ќе одигра ли Ибра една комплетно добра партија во дресот на Барселона? Ќе погоди ли Пандев во Лигата на Шампиони? Ќе биде ли само почесен голот на Пандев во неуспехот на Интер?

На овие и на бесконечно многуте прашања што ми се вратат низ главата одговорот ќе го дознаеме вечерва. Нека победи подобриот тим!

петок, 23 април 2010 г.

Тикет за 24 април 2010

Предлог тикет (сабота)

Манчестер Ј.

vs.

Тотенхем

1

1,50

Болтон

vs.

Портсмут

1-1

2,35

Вест Хем

vs.

Виган

п2+

2,80

Арсенал

vs.

Манчестер Сити

Х2

1,60

Леверкузен

vs.

Хановер

3+

1,45

Нирнберг

vs.

Борусија Дортмунд

3+

1,80

Валенсија

vs.

Депортиво

1-1

2,00

Вкупен коефициент: 82,4


За да го намалите ризикот можете да одиграте следно:

Болтон – Портсмут 1 (1,55)

Вест Хем – Виган 3+ (1,70)

вторник, 20 април 2010 г.

Преку Берово за Ниш

Помалку чудно, но сепак и тоа се случува. Цела Европа е воздушно блокирана од Исландскиот вулкан и неговата пепел. Вулканот не го интересираше, а и не можеше да претпостави дека во фудбалска Европа следниве три дена се играат најважните натпревари во Шампионската Лига и Лигата на Европа. Претходно споменатата неприлика ја натера експедицијата од Барселона да патува до Милано на нестандарден начин – преку Кан за Милано („Преку Берово за Ниш“) .


Барселона како така го заврши нестандардното патување. Во стил на кадетска екипа од Балканот кога учествува на значајно натпреварување „блауграна“ момците со модерен автобус поминаа скоро 1000 километри за да стигнат на време за мега дуелот со Интер. Така е трети пат сезонава, но овој пат премногу различно. Се е исто, но толку различно! Ќе биде ли ова трета среќа за Интер или Барса повторно ќе ги направи „нероазурите“ гледачи плус на нивниот стадион (во правата средба беше така)?

Лани додека мојот блог одеше на друга платформа имав една анализа за натпреварот на Барселона со Интер на Камп Ноу. Моите претпоставки за силните страни на Интер и предноста во однос на Барселона за таа средба не се покажаа како исправни. Барселона без Меси и Ибрахимовиќ го прегази Интер во блескаво тимско издание и фантастични перформанси на средниот ред предводен од Чави и Иниеста. Во тој пост наведов три работи што може за Интер да значат предност: екс-мадридиста фудбалерите, Самуел Ето и факторот Жозе Мурињо. На таа средба ниту еден од овие фактори не направи некаков ефект. Дали може да се повтори истата ситуација. Познавајќи го последниот од трите фактори – Жозе Мурињо сметам дека „Специајлниот“ нема повторно да ја повтори истата грешка. Ова се негови дуели, ова се натпревари на кои секогаш знаел да постави добра тактика и што е најважно да добие посакуван и поволен резултат. Сепак од друга страна Барселона во моментот има тренер за почит во Пеп Гвардиола. Младиот стручњак е современо тренерско изненадување и освежување во таа категорија во фудбалскиот свет. Можеме да се чудиме и да останеме со подотворени усти гледајќи ги успесите на Гвардиола во една година, но и шареноликоста во тактиките и приодот кон секоја средба на неговиот тим. Затоа ако некој смета дека Интер на овој меч е во голема предност поради факторот Мурињо – се лаже!


Сепак постои еден друг фактор што на овој двомеч може да се покаже како многу поважен за Интер. Самуел Ето е играч со форма во нагорна линија и играч за решавачки средби. Ако на првите две средби со својот поранешен клуб не дојде до збор – дали е ова време и место да го каже решавачкиот збор? Оставам голем простор дека Ето ќе биде еден од клучните во евентуален триумф на Интер.

Во однос на Барселона и нејзините клучни состојки за комплетен триумф над Интер (после двата меча) тие се повеќе од јасни. Дисциплинирана тимска игра подредена на Меси, голем придонес на играчите на кои противниците забораваат (Педро, Кеита) како во дуелот со Реал, расположен Златан Ибрахимовиќ и добра одбрана. Она што не и одговара на Барселона е средба како онаа со Еспањол. Иако Гвардиола на оваа средба не го покажа препознатливиот стил на игра наметнат во последните месец дена сепак слободно може да се каже дека ваква средба некогаш мораше да дојде. За Барса истата може да биде и од голема корист, односно како еден вид предупредување. Подобро против Еспањол отколку против Интер. А што приреди Еспањол? Агресивна игра со бркање далеку на половината на Барселона и ситни ама чести фаули на средината на теренот. Откако „еспањолците“ се изморија и требаше да бидат егзекутирани на сцена стапи арбитерот со сомнителен црвен. Главната грешка на оваа средба според мене е обидот за копирање на истата тактика од Ел Класико. Но, Гвардиола овој пат играше против екипа која не знае да нападне, за разлика од Реал. Можеше Барса да чека на своја половина и 180 минути, а да не дочека повеќе од 5 истурени играчи од противникот. И со играч помалку во ситуација кога Барса заигра со 3 + 3 (напад - средина) играчи се виде дека тимот е многу покомбинаторен и поопасен. Сепак мина таа тешка средба и Пеп не би требало да ја повтори истата стратегија. Против дефанзивни тимови таква не проаѓа!

За крај на анализата би сакал да го споменам единственото фудбалско вредно од Македонија – Горан Пандев. Пандев е играчот со кој треба да се гордееме сите. После полусезонската голгота дочека да игра во фантастичен тим и да стигне до врвот на фудбалска Европа. Лично сметам дека на оваа средба ќе добие шанса од клупата бидејќи на Мурињо му се потребни повеќе тркачи отколку креативци. Се надевам ќе има што да покаже нашиот Гоче во овој двомеч, па и дека ќе постигне и гол. Сепак тој веројатно ќе биде доволен само за нашата македонска фудбалска историја. Конечен триумф на Интер е тешко остварлива опција со оглед на тоа што го има Барса да го понуди. Колку и да звучам пристрасно ова се години во кои Барса пишува досега невидена фудбалска историја. Барса игра феноменален all round фудбал, фудбал против сите тактики, против сите деструкции, против сите фолиранти. Сепак - Фудбал е! Ќе видиме!