Оваа сабота се игра дуелот после кој пак се ќе си остане исто. Упс! Резултатски нема да биде исто ама навивачки да – навивачите на Реал и понатаму ќе си го слават својот клуб како најдобар во историјата (во поновата не баш), навивачите на Барселона ќе си уживаат во фактот дека клубот ги игра најдобрите години во кои сруши тешко остварливи рекорди. Оваа ситуација е премногу јасна и тешко дека било кој може да ја промени. Сепак и покрај оваа констатација натпреварот на „Сантијаго Бернабе“ треба да биде нешто посебно.
Во овој пост не планирам да Ве замарам со премногу бројки или статистика. Таквите анализи се веќе направени, цитирани, прераскажани, пренесени и протолкувани по весниците, блоговите, порталите изминативе неколку дена. Навистина имаме сочни бројки пред ова „Ел Класико“. Ситуација каква што никогаш досега не се случила. Реал и Барса по 77 поени на 8 кола до крај на Шампионатот. Она што ќе се обидам да го напишам е мала анализа за натпреварот и што може да очекуваме од него. Размислувањата ќе одат подолу како што ќе ми поминат низ глава:
Факт е дека Реал годинава конечно доби тренер и засилувања кои се на место. Значи конечно ја прекинаа полудецениската практика на менување тренери како чорапи. Поставија тренер кој и покрај неуспесите на две од трите полиња сепак остана и понатаму да биде тренер. Она што сакам да го кажам е дека Мануел Пелегрини е одличен тренер, НО? Овој тренер знаел како да ја совлада Барселона и со далеку послабиот Виљареал, а тоа и го правеше на неколку пати или пак и кинеше значајни бодови. Сепак Пелегрини сезонава покажа дека важните (клучните) средби не знае да ги добие. А зошто? Клучните дуели на Реал беа со Севиља, Барселона на Камп Ноу и со Лион. Причината за неуспехот во првата средба може да ја бараат од невоиграноста на тимот, но останатите два се чиста тренерска грешка. Против Барса дојде да се брани на Камп Ноу и ако може со брзи контри да профитира од излетите на Барселона. Коцките не му се поклопија, прими гол па и со играч плус во поле, 30 минути не направи некоја посериозна закана кон голот на Валдес. Можеме да претпоставиме што ќе се случеше со оглед на тогашните форми на двете екипи доколку Бускетс не се изглупираше. Средбата со Лион на Реал и Пелегрини им се отвори страшно добро. Дадоа смешен гол од мртов агол и имаа игра. Сепак следуваше второ полувреме во кое Пелегрини повторно одигра „конзерва“ затворена тактика плашејќи се да не прими случаен гол. Ефектот беше спротивен. Не создаде ниедна шанса, а прими гол. Резултатот го знаеме. Поентата од муабетот е дека Реал (како и Барса) не знае да се брани. Доколку сака успех, Пелегрини против Барса мора да одигра онака како што неговите играчи најдобро знаат – со напад.
Барселона во моментов има само една слаба страна. Левата бековска позиција во отсуство на Абидал е ранлива точка. Во финалето со Јунајтед, Пеп се соочи со ситуација кога повторно го немаше Абидал. Принудно го играше ветеранот Силвињо, а Ферги згреши кога не ја нападна страната на Силвињо, туку цело време го форсираше Кристијано во средина. Дали Пелегрини ќе ја повтори тактиката на Ферги или ќе одигра на страната на Максвел ќе видиме.
Дилемите на Гвардиола за овој натпревар се неколку. Дали да се игра со збиен среден ред – <Кеита како поддршка за Максвел лево, Туре или Бускетс централно, Чави десно и Иниеста како лево крило> или <средина со Чави, Туре/Бускетс, Иниеста, а во нападот Анри/Бојан со веќе стандардните Меси и Педро>. Според мене најдобар состав би бил комбинација од овие две варијанти односно Чави, Туре, Кеита во средина и Иниеста, Анри, Меси во напад. Во оваа варијанта нема место за Педро, но тој би бил одлична инјекција во случај работите да не тргнат на добро. Втората дилема ќе биде за составување на одбраната. Во моментот можам да гарантирам за двете бековски позиции дека ќе бидат резервирани за Алвеш и Максвел, но за останатите две позиции конкурираат тројца играчи во исклучителна форма: Пујол, Пике и Милито. Главоболка е да се исфрли било кој од тројцата... Пујол е капитен кој многу значи за вакви средби + одигра одличен дуел претходната сабота. Пике игра одлично и знае да влезе во средина, па дури да биде опасен и по голот на противникот. Милито игра одличен фудбал по враќањето на терените. Навистина тешко за прогноза, но очекувам Пике-Пујол да стартуваат.
Составот на Реал нема многу дилеми : Одбрана – Рамос, Гарај, Албиол, Арбелоа, средина – Ласана, Гути, Алонсо, напад – Роналдо, Игуаин, Ван дер Варт.
И за крај ѕвездите од кои најмногу се очекува. Може ли Меси да продолжи во фантастичното темпо од последните месец дена и дали Кристијано конечно ќе одигра вистински натпревар против Барселона (досега немаше таков)? Дали ова ќе биде натпревар на играчите во сенка (на ѕвездите) Чави и Игуаин? Сметам дека на овој натпревар Роналдо ќе одигра екстра мотивирано бидејќи во последно време е далеку од перформансите на Меси. Меси и нема што да покажува. Тој како и обично игра до крај против секого.
Ќе биде интересно да се гледа овој натпревар. На крајот сите ќе го прераскажуваме и анализираме. Ќе дознаеме кој каде погодил, кој што згрешил, кој ја промашил тактиката, кој играч згрешил додавање, кој бил извонреден на натпреварот. Имам претчувство дека нема да има премногу голови поради претпазливоста на Пелегрини на вакви натпревари. Сепак и Гвардиола нема којзнае колку да ризикува со претерана офанзива. И повторно: после утрешниот дуел навивачите на Реал ќе си навиваат за Реал, оние на Барса ќе си ја величаат Барса. Ама победникот ќе се слади барем до наредниот септември/октомври.
Ако пред недела дена беше лесно и можеше да се погодат или да се биде близу до резултатите на првите 1/4-финални натпревари во ЛШ оваа недела кога се играат реваншите таа работа е многу, многу потешка. Од таа причина вчера не сакав да ги прогнозирам првите два натпревари. Тие завршија со за повеќето реален конечен исход, па така се доби првата полуфинална двојака Интер – Барселона. Она што ќе остане запаметено од овие два двомеча секако не се победите на Интер од по 1:0, голот на Снајдер во Москва или двострелот на Ибра на Емирати. Ќе остане запаметено велемајсторството на Лео Меси.
Во модерниот фудбал често се гледаат хет-трик остварувања на играчите, понекогаш и по четири гола од играч, но сензацијата која ја направи Меси на Камп Ноу ќе остане запаметена и долго ќе се прераскажува. Меси ги остави во бунило Англиските медиуми, верните навивачи на Арсенал, фудбалските фанови во целиот свет, па дури и своите навивачи. Во елиминационен натпревар во кој секој потег треба да биде добро одмерен, во кој тактиката и тренерските надмудрувања најчесто се позначајни од индивидуалните мајстории и квалитети на играчите Меси успеа да се издигне над сите правила и да одигра волшебна вечер. Се, ама буквално се што фудбалско се случи на Камп Ноу овој вторник беше дело на Меси. Значи 4 гола, 2 промашени шанси за гол кои сам ги создаде, една одлична асистенција до Педро и на крај еден пробив во кој судијата не свирна пенал во ситуација кога го мина цел Арсенал. Во мене сеуште останува дилемата дали доколку Арсенал пружеше повеќе во второто полувреме Меси можеше да одигра на уште повисоко ниво и да оствари уште поголеми бројки. Сепак каков и да е одговорот на мојата дилема едно станува факт: „Меси е се понапред од конкуренцијата!“ Меѓу другото изби на врвот на стрелци во ЛШ со 8 гола и е се подалеку од сите што се во конкуренција во моментот, а стана и најдобар стрелец во Европа со 4 гола пред Вејн Руни. Последен факт што денес го прочитав е тоа дека Меси има постигнато голови на 83 натпревари на Барселона од кои Барса загубила само на еден (4:3 против Атлетико).
******
Вториот дел од постот ќе го посветам на кратка анализа на двата вечерашни дуела:
Манчестер Јунајтед vs. Барен Минхен
Иако сите традиции па и поразот во Минхен говорат против Манчестер сепак не треба да го забораваме фактот дека Јунајтед веќе десетина години е во врвот на Светскиот фудбал. Затоа на овој натпревар нема да одлучува статистиката, традицијата или моменталната форма. Овде победникот ќе го одлучи моменталната инспирација на некој од фудбалерите. Баварците во моментот имаат двајца играчи од топ-класа кои се на располагање Рибери – Робен, но кај Манчестер сеуште се присутни ветераните Сколс и Гигс кои се играчи за одлука. Дали токму некој од нив ќе бидат решавачки и вечерва останува да видиме.
Предлог тип: Навистина е тешко да се каже, но сметам дека овде може да има продолженија. Значи точен резултат 2:1 за Јунајтед!
Бордо vs. Лион
Во претходниот пост зборував дека искуството на Лион од константното присуство во елитата ќе биде пресудно за конечен пласман понатаму. И сега останува на тој став и го гледам Лион како конечен победник, но за резултат не можам да замислам како би се одвивал овој натпревар. Значи се е возможно па дури и триумф на Лион иако во таа опција најмалку верувам.
Предлог тип: ГОЛ-ГОЛ. Каков и да биде развојот на настаните овие две екипи сакаат да си докажуваат една на друга која е посилна. Битката за Франција ќе заврши со голови на двете страни.
******
За крај на постот би сакал да завршам со она што почнав – Меси и Барселона. Во сабота следува „Класиката“ во ситуација кога двете екипи се изедначени во секој поглед. Меси ја прати својата порака до Мадрид! Го очекуваме одговорот!