ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

среда, 24 февруари 2010 г.

Л У С И О



Веројатно фонтот од насловот е премал за да се претстави играта на Лусио на натпреварот Интер – Челзи. Бразилецот беше навистина фантастичен. Имаше соработка со одличниот Маикон и Занети, но во ваква поставеност на играта на Интер во која играта комплетно му беше препуштена на Челзи Лусио беше неверојатен. Колку само пати ја изнесе топката од својот шеснаесетник до играчите од средината, колку пати го надмудри Дрогба, како само ја командуваше својата одбрана. Секоја чест! За Лусио и неговата игра чиста ДЕСЕТКА!

********

Во продолжение би се осврнал на натпреварот. Големата важност го направи мечот роб на тактиката. Меѓутоа далеку од тоа дека гледавме лош фудбал. Изненадувачки, но веројатно смислено Мурињо после рано постигнатиот гол комплетно ја препушти играта во рацете на противникот. Тоа беше помалку изненадувачки и нелогично бидејќи сепак Интер игра дома. Па така цело прво полувреме се изнагледавме како играчите на Челзи премногу лесно доаѓаат до шеснаесетникот на Интер, а не ретко и да бидат опасни. Од друга страна пак тактиката на Челзи беше по секоја цена да се постигне гол – макар примиле и три потоа. Успеаа во таа намера многу брзо во вториот дел и од тогаш „дигнаа рачна“. Не дека не беа опасни ама веќе го намалија ризичното исфрлање во напад на играчи од дефанзивата. За нивна несреќа веднаш по израмнувањето примија втор гол, инаку повеќе од веројатно ќе заминеа од Меаца со дигнати глави.

Значи тактичка – тренерска битка како што и се очекуваше. Првата рунда ја доби Мурињо. Останува да причекаме до реваншот за да видиме кој ќе се радува на крајот на војната. Ќе биде премногу интересен тој втор натпревар.

Нема коментари: