ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

вторник, 26 април 2011 г.

Сепак се врти (Ел Класико part III)

     Сепак се врти! Топката е тркалезна! Некогаш си на врвот, некогаш си долу. Додека си горе е слатко и убаво. Но, доаѓа време кога мора да го напуштиш тронот и да го препуштиш на некој друг, на твојот ривал. Дали е така и во моменталниот случај со Барселона и Реал Мадрид? Го препушта ли Барселона тронот на најлутиот ривал или тоа е фатаморгана и моментална слабост? Одговорот ќе го добиеме за од прилика недела дена. Еве ги моите видувања за моменталната ситуација и моја анализа за тоа како треба Барселона да настапи и да го помине Реал Мадрид:
    Барселона ги живее своите златни години, години во кои вложувањата во „Ла Мазија“ почнаа да даваат плодови. Најлутиот ривал беше донесен до ситуација на пет последователни неуспеси во Ел Класико, беше донесен во ситуација да прими 6 гола на својот Бернабеу, „петарда“ на Камп Ноу и тотално демолирање во неколку наврати. Барселона почна да создава мит на непобедливост. Тимот почна да сее страв кај противниците со понижувања изразени со 5ки во мрежата, посед на топка над 80%, 0 удари кон својата мрежа, 700тини прецизни додавања по натпревар итн. Но дојде и тој момент – на патот на Барселона се исправува Жозе Мурињо, тренер со фантастични резултати зад себе, веројатно тренерското име број еден за последната деценија. Судбината сакаше 4 Ел Класико во 20 дена. Дојдовме до уште само 2 од нив. Пред почетокот на првото – шансите беа 70-30 за Барса. Но, во тој момент аутсајдерот се издигна од дното и комплетно ја сврте работата во своја корист. Во моментот имаме ситуација во која Реал Мадрид е фаворит во нокаут полуфиналето. Мурињо успеа со нему својствени методи на игра психолошки да ги издигне своите фудбалери, да им ја врати самодовербата, да им покаже дека може да се спротивстават на Барселона. Ја сум навивач на Барселона, но ќе бидам искрен - Во ова полуфинале почнуваме како аутсајдери (барем на првиот меч)!
     Барселона има потреба од добар резултат на првиот натпревар. Тимот мора да се врати во игра. На тимот му е потребна добра партија, но не само добра игра, туку и поволен резултат. Издржани се зборовите на Пеп дека концепцијата и играта градена со децении наназад треба да се задржат, но сепак ова се нокаут натпревари па ниеден фан на Барса не би му замерил на Пеп доколку отстапи од својата филозофија. Овде не сугерирам на менување на филозофијата во смисла на повлекување во дефанзива, правење бункер, паркирање на автобус пред Валдес. Сугерирам на поинтелигентна формација – барање на слабите страни на противникот, подобро маркирање на квалитетните играчи на противникот, чување на силите па молскавични 15тина минути. Уште еднаш ќе повторам – не е ни малку лесно да се добие нокаут фаза, па макар противникот да биде и Шахтјор или било кој друг. Потребни се квалитетни 180+ минути.
     На првата слика ќе ја погледнете мојата добитна формација, а подоцна ќе ја образложам.
Моите идеални XI и поставеност

     Голманската позиција е 100% резервирана за Виктор Валдес. Валдес годинава е приказна за себе. Тој повеќе не е онаа „битанга“ што примаше смешни голови и правеше ужасни реакции после примен погодок. Валдес 2-3 сезони наназад е симбол на стабилност. Играч, а не голман на Барселона. Играч кој во текот на еден натпревар знае да направи повеќе пасови од еден Бензема на пример, кој знае да истрча повеќе од Ибрахимовиќ итн.
     Одбранбената тројка би била – Маскерано, Пујол, Пике. Маскерано е играч кој знае да истрча за двајца. А десната одбранбена позиција честопати останува празна поради офанзивната улога на Дани Алвес. Пујол треба да биде поставен централно за да му се остави слобода на дејствување и корекција на евентуални грешки на последните играчи од средината. Пике лево!? Да Пике лево за да го маркира Роналдо. Пике покажа дека знае како да одигра против Роналдо. Во купот ја осетивме вистинската сила на Кристијано. Штом некој од средишните играчи на Реал ќе примеше топка веднаш се форсираше Роналдо во напад. Се покажа дека Адриано има гооолеми проблеми да се справи при високо нафрлени топки. Затоа идеален за таа лева бековска позиција е Пике. Во случај на присуство на висок напаѓач (Адебајор конкретно) може да дојде до комплетна смена во одбраната, односно редослед Пујол, Пике, Маскерано. Сепак тоа не е нешто неочекувано. Мурињо знае неколку пати во текот на еден меч да ја менува тактиката. Затоа на секоја негова промена Пеп треба интелигентно да одговори со ротација на дефанзивците.
     Средина со Бускетс како заден среден. Немам посебен коментар. Бускетс не игра во блескава форма, но неговото разбирање и „дишење“ со Барса-филозофијата го прави супериорен во изборот за оваа позиција. Чави со слободна улога во средината, со простор да делува во сите можни насоки. Засилување на „ослабената“ лева одбранбена страна со присуство на Кеита во средината. Брзите пробиви на Роналдо мора да се спречат уште тука – Кеита е вистински за таа улога.
Маркирање на офанзивните бекови на
противникот и покривање на Кристијано

    Напад без Педро!? Виља централно, ослободен од непотребни шпринтови, комплетно насочен кон реализација на шансите. Меси десно! Едноставно мора да се размислува на ваква промена. Во текот на мечот Меси може да ротира и изигра на различни позиции. Но Меси мора да стартува десно. Постојат две причини: 1) Со присуството на Меси и Алвеш далеку десно. Се изолира офанзивното дејствување на Марсело – играч кој знае да создаде многу неволји. Уште поважно се одвлекува вниманието на Ди Мариа кој ќе мора да мисли почесто на враќање назад. 2) Конекцијата Меси-Алвеш годинава се покажа како убиствена. Сведоци бевме на неколку голови во кои двајцата ја разменуваа топката и по 4-5 пати пред финализација. Иниеста лево! Комплетно неутрализирање на Алваро Арбелоа и неговото офанзивно делување. Иниеста е играч кој знае да врзе за себе одбранбен играч и да го излуди во текот на мечот. Иниеста знае да реализира, Иниеста знае да проигра, Иниеста знае да погоди од секаде.
     Често пати не можам да го разберам Пеп со неговите изговори зошто не ги прави 3те дозволени замени („Да не се наруши ритамот на тимот!“). Сметам дека ова е една голема заблуда и грешка во размислувањето. Потребно е да се искористат сите три замени и да се корегира било каква слабост во тимот, да се внесе свежа крв, да се внесе играч кој ќе даде импулс во натпреварот. Да не навлегувам во веќе поминати натпревари, но една од причините за неуспехот во Купот според мене беше не-освежувањето на составот во екстра-времето. Затоа во среда мора да се внимава на овие детали. Педро е одлична замена за после 60тата минута. Играч кој може да ја дотолчи (под претпоставка) изморената одбрана на Реал. Тиаго Алкантара, Жефрен и Афелај се исто така погодни за внесување брз фудбалер кој може да ја промени динамиката на мечот.
     Ова е моето видување за поставеноста на Барселона која може да донесе поволен резултат, во најдобар случај победа. Демантирање на сите мислења за некаков пад на формата, демистификација на Мурињо и неговиот стил на водење на своите екипи, отстранување на сите сомнежи кој е најдобриот тим во последните 5-6 години. На крај на краиштата победа за мирен реванш и остварување на целта – финале на Вембли!


п.с. Вашите видувања и коментари слободно оставете ги во коментар под текстот.

среда, 16 февруари 2011 г.

Арсенал vs. Барселона (Preview)

Убедливо најатрактивниот пар во осмина финалето на Шампионската Лига е дуелот на Арсенал и Барселона. Овие два тима во последните 5 години се среќаваат редовно во нокаут рундите со што развија едно мало ривалство. Актуелна е и сагата за заминувањето/останувањето на капитенот на Арсенал - Цеск Фабрегас во Барселона. Двата тима негуваат тотален, напаѓачки фудбал, убав за гледање, допадлив. Неколку добри причини за одличен двомеч после кој ќе останеме пократки за еден голем фудбалски великан во доигрувањето на ЛШ. Мојата анализа на натпреварот ја презентирам во 4 точки:

Барселона сега и лани

За разлика од минатата сезона Барселона оваа сезона е покомплетен тим. Тимот лани имаше недостиг на фудбалери (резерви) за одредени позиции. Годинава скоро за секоја позиција конкурираат по најмалку двајца. Најголемиот квалитет кај Барселона според мене е универзалноста на повеќето од играчите. Во даден момент еден фудбалер може да одговори на повеќе позиции. Па така се навикнавме да го гледаме Бускетс како централен дефанзивец, како реализатор, деструктивец итн. Адриано може да игра како лев и десен бек, Меси игра на секоја позиција во среден ред и напад. Жерард Пике се издигна во дефанзивец од светска класа. Педро го развива талентот во позитивен правец и станува значаен фактор за успесите на тимот. Виља е константно корисен. Можеме да додадеме уште една реченица за Барса сега и лани: Во својот состав Барселона има осум фудбалери кои се светски шампиони во фудбал.

Фабрегас против Меси


Арсенал сега и лани

Арсенал оваа сезона е генерално подобар од ланската. Венгер донесе врвен стрелец кој покрај одличното движење без топка, добро игра и со глава (Шамак). Ван Перси полека, но сигурно ја наоѓа својата форма. Најзначајно нешто за тимот е конечното пронаоѓање на вистинскиот среден ред. Венгер долго време бараше и конечно доби комплетно добра средина – Насри, Фабрегас, Волкот, Вилшер, Диаби, Сонг повеќе не се деца што ќе блеснат на еден натпревар и ќе чекаме после 5 меча да го повторат истото. Им се случија неколку кикс натпревари во првенството, но сепак сеуште се во конкуренција за насловот. Дали конечно „дечињата на Венгер“ пораснаа? Ќе почнат ли да ги добиваат големите мечеви?  

Двомечот лани

Првиот натпревар имаше чуден тек. Барселона го одигра веројатно најдоброто полувреме под водство на Гвардиола, но за жал не реализира ниедна прилика за гол. А имаше барем 5 сто отстотни шанси. Се случи вистинска канонада на голот на Алмунија. Но французинот одолеа. Во вториот дел речиси без некој сериозен притисок Ибрахимовиќ реализираше на два пати за убедлива предност. И кога сите очекуваа голема победа на Барселона во гости, „децата“ се разбудија и го направија двомечот интересен.
Реваншот на Камп Ноу може комплетно да се нарече Меси против Арсенал. И нема да згрешиме ако така го наречеме. Водечкиот гол на Бендтнер значеше само поттик за Лео Меси да ја одигра можеби партијата на кариерата. Четири гола против Арсенал, во елиминациска фаза, во реванш натпревар е достигнување кое го можат само најголемите.

Двомечот сега

Очекувам еден многу посилен Арсенал од ланскиот. Но и многу претпазлив Арсенал особено на првиот натпревар дома. Многу битно ќе му биде на Венгер да замине на реванш со празна мрежа. Најважно од се според мене е Арсенал прв да стигне до водство. Најслаба точка кај Барселона е левата бековска – каде одново ќе мора да игра Максвел (најслабата алка од ланскиот прв наптревар).
Од друга страна ако го изземеме ремито на Барса во Хихон, ако додадеме 3 дена одмор, комплетна посветеност, мотивирани фудбалери, сериозност во пристап, претходна серија на непобедливост тогаш од Барселона знаеме што да очекуваме – одење на гол повеќе од противникот дури и на неговиот терен. Најслаба точка кај Арсенал е одбраната. Тука е големата предност на Барселона.
Генерално двете екипи ја сакаат топката во свој посед и се покомотни кога ја имаат во себе. Кој ќе ја добие битката за поседот на топка? Дали Бускетс или Вилшер, дали Чави или Фабрегас, дали Иниеста или Насри, Меси или Волкот, кој ќе биде факторот Х? Премногу прашања и премногу дали. Пресметката почнува во 20:45! Фудбалски сладокусци време е за уживање!

вторник, 30 ноември 2010 г.

Грандиозната победа од друг агол [Барселона 5:0 Реал Мадрид]

29 Ноември, 2010 година. Прекрасна роденденска забава на „Камп Ноу“. Петарда! Голема победа! Вечниот ривал комплетно уништен, понижен, растурен. Милионите навивачи на Барселона низ целиот свет се израдуваа на победата. Тиражните печатени медиуми ги пласираа своите бомбастични наслови. Насекаде фалење за гламурозната претстава на „Лос Кулес“. Нема човек на планетата што остана рамнодушен на претставата на момците на Пеп...
Најголем фраер во радувањето - Пике


недела, 14 ноември 2010 г.

Рапсодија во сино/црвено

Сабота, 13 Ноември. Вечер за паметење во Каталонија. Вечер за паметење за искрените фанови на Барселона. Вечер на многу рекорди, но најважно од се вечер на најдобрата овосезонска партија на Барса.

Сезонава Барселона игра одлично на гости. На свој терен паднаа Атлетико Мадрид и Билбао. Барса имаше одлични партии и на домашен терен. Севиља и Панатинаикос примија „петарда“. Сепак и покрај не толку убедливиот резултат натпреварот против Виљареал слободно можам да го оценам како најдобра претстава на Барса.

Генерално формата на тимот оди во нагорна линија. Сите точки во тимот функционираат одлично во континуитет, на неколку последователни мечеви. Сепак натпреварот против „Жолтата подморница“ беше демонстрација на најдоброто од Барселона. За тоа придонесоа два фактори: 1) Одличната форма и 2) Катастрофална судиска грешка.

Натпреварот започна со фантастични 25 минути во кои Барселона приреди вистинско фудбалско задоволство. Одамна немам видено таков проток на топка, толку инвентивни додавања на средината на теренот, пронаоѓање на најдобро поставениот соиграч во поле, префрлање на тежиштето на игра во вистински момент. Сето ова можеше да се види од Барселона во тие први 25 минути. Во нив падна и првиот гол. Акцијата започната од „архитектите“ на Барса Чави и Иниеста, ја заврши Виља со интересно гол решение - го мина Марчена со мало поткопување на топката, за подоцна смирено да реализира. Сепак во овој период се случи и нешто скандалозно. Одново по феноменална акција од средината Меси беше проигран во празно. Педро дури и реализираше во ситуација кога остана без голман пред голот на противникот, но линискиот судија подигна знаменце за офсајд. Скандалозно! Прецизните аналитичари брзо после натпреварот преку ТВ снимката открија дека Меси бил 1.2 метри поназад од последниот одбранбен играч на Виљареал. И најлошо од се. Тимот излезе од колосек. Во следниот напад Нилмар постигна гол после одлична соло акција и лошото покривање од Абидал. До крајот на полувремето Барса играше нервозно и исфрустрирано. Се коментираа судиските одлуки кои до крајот на полувремето беа коректни, но судиите го навлекоа гневот на гледалиштето.

Во вториот дел тимот се смири. Потребни беа 5-6 минути за Барса да ја заигра својата игра. Експлозијата дојде по 13минути. Меси одигра неколку еден-два додавања со Педро за во свој стил да реализира со лоб од мртов агол. Ремек дело на „аргентинскиот волшебник“. Најважно од се работите беа поставени на свое место. До крајот на мечот се очекуваше се да помине мирно, но се случија уште неколку занимливи моменти. Судијата не го исклучи Максвел во ситуација кога фаулираше играч на Виљареал кој беше во позиција за гол, а резултатот го затвори Меси со гол од класична офсајд ситуација. По којзнае кој пат Меси забележа double-score зад своето име.

Фантастичната претстава на тимот вечно ќе ја памети Карлес Пујол – долгогодишниот капитен на тимот кој го одигра 500тиот натпревар во тимот. Голема чест за капитенот, голем јубилеј за еден професионален фудбалер. Доколку остане да игра до 40ка како што најави неколку пати оваа бројка може да оди далеку нагоре.

За крај уште еднаш ќе потенцирам дека ова беше најдоброто од Барса за оваа сезона, против најдобриот противник кој истрча од другата страна на теренот. Иако многумина го издвоија Лео Меси како играч на мечот сепак таа одлука е претешка за донесување. Дани Алвес остави 200% од себе на теренот, Иниеста имаше брилијантна партија и премногу убави дриблинзи и потези (буквално ги излуде халфовите на Виљареал), Чави беше маестрален, Бускетс одличен како трансмитер во акциите, Пујол стандардно добар во расчистување на опасностите, Максвел се подобар и подобар. Според ова јас би кажал дека ТИМОТ е тој кој заслужува оценка за најдобар на натпреварот. Тимот кој влегува во фантастична форма пред долго очекуваниот спектакл – Понеделник, 29 Ноември „Ел Класико“.