„Ако ме сакаат сите тогаш нешто не е во ред со мене! Ако ме мразат сите тогаш повторно нешто не е во ред со мене! Затоа најдобро е да бидеш некаде на средината...“ – Тони Михајловски.
Започнувам со мислата која ја слушнав на „МКД Идол“, а ќе ви објаснам и зошто: Повеќето од вас, верувам ќе се сложат во нејзината точност. Ќе ја искористам како појдовна точка за да го доловам однесувањето на Жозе Мурињо. Веројатно и самиот Мурињо е свесен за фактот кој го носи горната мисла. Жозе е токму таков: Некои го сакаат премногу, други премногу го мразат. Да не навлегуваме во причините која група зошто го сака/мрази Жозе. Она што мене ме интересира е да го откриеме неговото однесување, неговата болна опседнатост со медиумите, неговата желба постојано да е во центарот на вниманието, опседнатоста со личниот успех...
![]() |
Жозе на излезна врата од Реал? |
Се случи Ел Класико III, доживеа дебакл. На навивачите на Реал не им остави ни цела недела да слават за триумфот во купот. Се испречи Барселона. Среде Мадрид трета година по ред каталонците се најсреќните луѓе на светот. Жозе Мурињо е тренер доведен со специјална задача: „Да се победи Барселона“! Жозе Мурињо задачата не ја исполни, барем не за оваа сезона. Токму во моментите кога скоро сите помислија дека Реал е способен да се бори – се случи нов удар. На своето буниште – одново демолирање, одново понижување. Кој е неговиот одговор? Сите се криви, освен тој самиот. Браво! Нападни ги сите така ќе се одбраниш себе си! Доста е!
Живееме во доба на интернет, развој на социјалните медиуми (Twitter, Youtube, FB), секое прваче може да ги погледне снимките од било кој натпревар, да спореди кадри, да зумира слики, да прочита што мислат упатените за натпреварите. Нема повеќе една камера и 3 репортери – целиот свет гледа. Веројатно наскоро ќе бидеме сведоци на воведување на технологија за судење офсајди и гол/-аут линиски сензори, но во нашиот век реално нема да дочекаме робот судија. Затоа постојано ќе бидеме во пост-наптреварски дискусии дали беше фаул, дали беше жолт, дали ја удри со рака, дали судијата е братучед на бекот на противникот, дали делегатот е комшија на портпаролот на клубот, дали косачот на трева задоцнил, дали одржувачот на прскалките шинал нога ... Можеби токму тој елемент, присуството на судија кој не може секогаш да биде во право го дава шмекот на фудбалската игра.
Мурињо дрско тргна против сето тоа. Тргна против судиите, тргна против УЕФА, тргна против целиот фудбалски свет. И тоа пазете – не во името на Реал Мадрид, во лична „Дон Кихотска“ борба. Факт за неверување, но реалност. Пазете: Никаде не слушнавме „Реал секогаш игра 10 наспроти 11 против Барселона“, туку „МОИТЕ екипи играат“! Лицемерно!
Ако ја следиме логиката на Жозе ќе дојдеме до неизбежен заклучок: Во УЕФА (и Шпанија) постојат две групации со иста цел – првата да ја направи Барселона најдобра, и втората да го уништат Мурињо. Цели судиски школи во некое минато време биле обучувани против Мурињо, да судат на негова штета, а во корист на Барселона. За жал претходното е премногу тенко за верување. Еве ги вистинските заклучоци за крај:
1) Ако секогаш твоите екипи остануваат со 10мина против Барса поверојатно е дека ти си проблемот. Не може 17 судии од различни земји, региони и покраини да бидат приврзаници на Барселона. Можеби твојата тактика е играчите да играат на раб на жолт картон при секој старт, можеби противниците ти се пребрзи па мораш да ги забавиш (ако не успее високата или каллива трева) ...
2) Ако речеш зошто? Зошто? Зошто? И ако продолжиш Овребо, Штарк, Андрес Фриск!? Да веднаш ќе добиеш одговор: Зошто Бенгуренса? Зошто Мерк? Зошто Мехуто Гонзалез? Не сакам да развлекувам, но доколку сте упорни на секое обвинување за судиска помош на Барселона, за одлука на штета на „екипа на Мурињо“ ќе ве почестам со видео материјал со иста содржина во корист на екипите на Мурињо. Повелете напишете одговорот брзо ќе го добиете!
3) Ако играчите на Барселона ги нарекуваш „актери“ поради тоа што глумеле на 1 натпревар. Ќе речам да во право си. Покажи ми пример на глума на играч на Барса, ќе ти најдам пута 5 исти случаи како твој играч симулира. Да не заборавам дека во конкуренција имаме и номинирани за Оскар (Ди Мариа, КР7...)
4) Ако Пеп Гвардиола има засега една ЛШ титула и таа е незаслужена поради лоши одлуки во полуфинале. Можеби! Но, тоа полуфинале е добиено во поголем фер плеј отколку твоето во Милано (Интер-Барса).
Заклучокот за крај би бил: Не е цел свет против Мурињо. Мурињо оди против цел свет за да добие лична сатисфакција, за да биде е*аниот шеф во прес-салите, е*аниот господар на медиумските игри. Лицемерно е спрема оние кои го сакаат и почитуваат и нив да ги вклучува во играта, но од некоја временска дистанца можеби и следбениците ќе сфатат дека следеле „погрешен воз“. Моментално најголемите негови „портпароли“ навивачите на Реал не заслужуваат таква игра и таков однос. Дали како навивач на Реал сте се запрашале: Дали е тоа Реал што сакаме да го гледаме? Дали Рамос и Давид Виља треба да се мразат после 2 дуели поради тоа што некој наредил „уби го противникот“? Дали Меси мора да заврши со скршеница затоа што освен со груб фаул не може да се чува? Дали 200 милиони вредни играчи од клупа треба да ги гледаат плејмејкерските способности на Пепе и Кедира? Ако искрено во себе си одговоривте на овие прашања верувам дека се разбравме.
На крајот на краиштата како при таква лоша УЕФА и судиски организации (Италија, Шпанија, Англија) Мурињо важи за еден од најтрофејните тренери? Едноставен одговор кога Мурињо ќе крене трофеј тоа е затоа што е најдобар тренер. Кога Мурињо ќе загуби други се криви. Калимеро нема правда!
п.с. Секој што ќе приложи некаков доказ, судиска грешка, слика, видео, ракопис, исечок во најкраток можен рок ќе биде удостоен со одговор.