ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

среда, 16 февруари 2011 г.

Арсенал vs. Барселона (Preview)

Убедливо најатрактивниот пар во осмина финалето на Шампионската Лига е дуелот на Арсенал и Барселона. Овие два тима во последните 5 години се среќаваат редовно во нокаут рундите со што развија едно мало ривалство. Актуелна е и сагата за заминувањето/останувањето на капитенот на Арсенал - Цеск Фабрегас во Барселона. Двата тима негуваат тотален, напаѓачки фудбал, убав за гледање, допадлив. Неколку добри причини за одличен двомеч после кој ќе останеме пократки за еден голем фудбалски великан во доигрувањето на ЛШ. Мојата анализа на натпреварот ја презентирам во 4 точки:

Барселона сега и лани

За разлика од минатата сезона Барселона оваа сезона е покомплетен тим. Тимот лани имаше недостиг на фудбалери (резерви) за одредени позиции. Годинава скоро за секоја позиција конкурираат по најмалку двајца. Најголемиот квалитет кај Барселона според мене е универзалноста на повеќето од играчите. Во даден момент еден фудбалер може да одговори на повеќе позиции. Па така се навикнавме да го гледаме Бускетс како централен дефанзивец, како реализатор, деструктивец итн. Адриано може да игра како лев и десен бек, Меси игра на секоја позиција во среден ред и напад. Жерард Пике се издигна во дефанзивец од светска класа. Педро го развива талентот во позитивен правец и станува значаен фактор за успесите на тимот. Виља е константно корисен. Можеме да додадеме уште една реченица за Барса сега и лани: Во својот состав Барселона има осум фудбалери кои се светски шампиони во фудбал.

Фабрегас против Меси


Арсенал сега и лани

Арсенал оваа сезона е генерално подобар од ланската. Венгер донесе врвен стрелец кој покрај одличното движење без топка, добро игра и со глава (Шамак). Ван Перси полека, но сигурно ја наоѓа својата форма. Најзначајно нешто за тимот е конечното пронаоѓање на вистинскиот среден ред. Венгер долго време бараше и конечно доби комплетно добра средина – Насри, Фабрегас, Волкот, Вилшер, Диаби, Сонг повеќе не се деца што ќе блеснат на еден натпревар и ќе чекаме после 5 меча да го повторат истото. Им се случија неколку кикс натпревари во првенството, но сепак сеуште се во конкуренција за насловот. Дали конечно „дечињата на Венгер“ пораснаа? Ќе почнат ли да ги добиваат големите мечеви?  

Двомечот лани

Првиот натпревар имаше чуден тек. Барселона го одигра веројатно најдоброто полувреме под водство на Гвардиола, но за жал не реализира ниедна прилика за гол. А имаше барем 5 сто отстотни шанси. Се случи вистинска канонада на голот на Алмунија. Но французинот одолеа. Во вториот дел речиси без некој сериозен притисок Ибрахимовиќ реализираше на два пати за убедлива предност. И кога сите очекуваа голема победа на Барселона во гости, „децата“ се разбудија и го направија двомечот интересен.
Реваншот на Камп Ноу може комплетно да се нарече Меси против Арсенал. И нема да згрешиме ако така го наречеме. Водечкиот гол на Бендтнер значеше само поттик за Лео Меси да ја одигра можеби партијата на кариерата. Четири гола против Арсенал, во елиминациска фаза, во реванш натпревар е достигнување кое го можат само најголемите.

Двомечот сега

Очекувам еден многу посилен Арсенал од ланскиот. Но и многу претпазлив Арсенал особено на првиот натпревар дома. Многу битно ќе му биде на Венгер да замине на реванш со празна мрежа. Најважно од се според мене е Арсенал прв да стигне до водство. Најслаба точка кај Барселона е левата бековска – каде одново ќе мора да игра Максвел (најслабата алка од ланскиот прв наптревар).
Од друга страна ако го изземеме ремито на Барса во Хихон, ако додадеме 3 дена одмор, комплетна посветеност, мотивирани фудбалери, сериозност во пристап, претходна серија на непобедливост тогаш од Барселона знаеме што да очекуваме – одење на гол повеќе од противникот дури и на неговиот терен. Најслаба точка кај Арсенал е одбраната. Тука е големата предност на Барселона.
Генерално двете екипи ја сакаат топката во свој посед и се покомотни кога ја имаат во себе. Кој ќе ја добие битката за поседот на топка? Дали Бускетс или Вилшер, дали Чави или Фабрегас, дали Иниеста или Насри, Меси или Волкот, кој ќе биде факторот Х? Премногу прашања и премногу дали. Пресметката почнува во 20:45! Фудбалски сладокусци време е за уживање!