ПРОГНОЗИ НА ВИКЕНД НАТПРЕВАРИТЕ

вторник, 30 ноември 2010 г.

Грандиозната победа од друг агол [Барселона 5:0 Реал Мадрид]

29 Ноември, 2010 година. Прекрасна роденденска забава на „Камп Ноу“. Петарда! Голема победа! Вечниот ривал комплетно уништен, понижен, растурен. Милионите навивачи на Барселона низ целиот свет се израдуваа на победата. Тиражните печатени медиуми ги пласираа своите бомбастични наслови. Насекаде фалење за гламурозната претстава на „Лос Кулес“. Нема човек на планетата што остана рамнодушен на претставата на момците на Пеп...
Најголем фраер во радувањето - Пике


недела, 14 ноември 2010 г.

Рапсодија во сино/црвено

Сабота, 13 Ноември. Вечер за паметење во Каталонија. Вечер за паметење за искрените фанови на Барселона. Вечер на многу рекорди, но најважно од се вечер на најдобрата овосезонска партија на Барса.

Сезонава Барселона игра одлично на гости. На свој терен паднаа Атлетико Мадрид и Билбао. Барса имаше одлични партии и на домашен терен. Севиља и Панатинаикос примија „петарда“. Сепак и покрај не толку убедливиот резултат натпреварот против Виљареал слободно можам да го оценам како најдобра претстава на Барса.

Генерално формата на тимот оди во нагорна линија. Сите точки во тимот функционираат одлично во континуитет, на неколку последователни мечеви. Сепак натпреварот против „Жолтата подморница“ беше демонстрација на најдоброто од Барселона. За тоа придонесоа два фактори: 1) Одличната форма и 2) Катастрофална судиска грешка.

Натпреварот започна со фантастични 25 минути во кои Барселона приреди вистинско фудбалско задоволство. Одамна немам видено таков проток на топка, толку инвентивни додавања на средината на теренот, пронаоѓање на најдобро поставениот соиграч во поле, префрлање на тежиштето на игра во вистински момент. Сето ова можеше да се види од Барселона во тие први 25 минути. Во нив падна и првиот гол. Акцијата започната од „архитектите“ на Барса Чави и Иниеста, ја заврши Виља со интересно гол решение - го мина Марчена со мало поткопување на топката, за подоцна смирено да реализира. Сепак во овој период се случи и нешто скандалозно. Одново по феноменална акција од средината Меси беше проигран во празно. Педро дури и реализираше во ситуација кога остана без голман пред голот на противникот, но линискиот судија подигна знаменце за офсајд. Скандалозно! Прецизните аналитичари брзо после натпреварот преку ТВ снимката открија дека Меси бил 1.2 метри поназад од последниот одбранбен играч на Виљареал. И најлошо од се. Тимот излезе од колосек. Во следниот напад Нилмар постигна гол после одлична соло акција и лошото покривање од Абидал. До крајот на полувремето Барса играше нервозно и исфрустрирано. Се коментираа судиските одлуки кои до крајот на полувремето беа коректни, но судиите го навлекоа гневот на гледалиштето.

Во вториот дел тимот се смири. Потребни беа 5-6 минути за Барса да ја заигра својата игра. Експлозијата дојде по 13минути. Меси одигра неколку еден-два додавања со Педро за во свој стил да реализира со лоб од мртов агол. Ремек дело на „аргентинскиот волшебник“. Најважно од се работите беа поставени на свое место. До крајот на мечот се очекуваше се да помине мирно, но се случија уште неколку занимливи моменти. Судијата не го исклучи Максвел во ситуација кога фаулираше играч на Виљареал кој беше во позиција за гол, а резултатот го затвори Меси со гол од класична офсајд ситуација. По којзнае кој пат Меси забележа double-score зад своето име.

Фантастичната претстава на тимот вечно ќе ја памети Карлес Пујол – долгогодишниот капитен на тимот кој го одигра 500тиот натпревар во тимот. Голема чест за капитенот, голем јубилеј за еден професионален фудбалер. Доколку остане да игра до 40ка како што најави неколку пати оваа бројка може да оди далеку нагоре.

За крај уште еднаш ќе потенцирам дека ова беше најдоброто од Барса за оваа сезона, против најдобриот противник кој истрча од другата страна на теренот. Иако многумина го издвоија Лео Меси како играч на мечот сепак таа одлука е претешка за донесување. Дани Алвес остави 200% од себе на теренот, Иниеста имаше брилијантна партија и премногу убави дриблинзи и потези (буквално ги излуде халфовите на Виљареал), Чави беше маестрален, Бускетс одличен како трансмитер во акциите, Пујол стандардно добар во расчистување на опасностите, Максвел се подобар и подобар. Според ова јас би кажал дека ТИМОТ е тој кој заслужува оценка за најдобар на натпреварот. Тимот кој влегува во фантастична форма пред долго очекуваниот спектакл – Понеделник, 29 Ноември „Ел Класико“.