Прекрасен фудбалски викенд се наоѓа зад нас. Екипите ги добиваат своите физиономии и го презентираат начинот на кој ќе играат во текот на сезоната. Полека, но сигурно гигантите го засилуваат темпото и влегуваат во посакуваниот ритам. Се случија неколку дерби пресметки. Конечно почнува да се игра вистински фудбал. Викенд програмата ја одбележаа две имиња – Бербатов и Де Геа (се разбира во позитивна смисла) и повредата на Меси (во негативна). Еве ги нафрлени моите коментари за викенд случувањата:
Димитар Бербатов – Само позитивни зборови за човекот од соседна Бугарија. Еден од најобвинуваните луѓе од навивачите на Јунајтед за „посната“ ланска сезона. Играчот за кого Алекс Фергусон одвои цели 30 милиончиња, а доби премалку. Но, Ферги ретко греши при големите трансфери. Во неделата Берба одигра животна партија и потсети на златните мигови од времето кога играше за Тотенхем. Бербатов прикажа се на овој натпревар – лесен прв гол, ремек дело со полу-ножички (гол за кој верувам дека пола од напаѓачкиот крем во Европа не може ни да сонува) и гол винер со глава со човек на себе. Импресивна статистика на Бугаринот. Иако во моментот Јунајтед делува анемично и дезориентирано ваквиот импулс од напаѓачот може многу да значи во продолжение од сезоната.
Давид Де Геа – Голманот на Атлетико Мадрид имаше фантастични 60 минути на својот „Винсенте Калдерон“. Велам 60 минути поради фактот што во периодот после 30тата минута го спаси Атлетико од вистински дебакл на дуелот со Барселона. Иако во моментот поради неголмански причини е дури четврти чувар на мрежата на Шпанија сепак партии како оваа можат да му донесат само голем прогрес и стандардно место во „Фуријата“.
Арсенал – Старата топло-ладно приказна! Жална приказна! Раскошен талент, течна игра, убава за око, но без ефект, без титула, без карактер. Статистиката на Арсенал во овие 5 кола и не дава право за остри и негативни коментари, но храбро ќе Ви предвидам дека приказната за Арсенал нема да има happy end ни на крајот од оваа сезона. Губењето бодови од просечни екипи каде само двајца играчи знаат да шутнат кон вашиот гол значи само едно – сеуште не сте го изградиле победничкиот менталитет. Дека приказната од лани се повторува говори и новата повреда на Цеск. Повторно клучните играчи почнуваат да се повредуваат на секој втор натпревар. Се чини проблемот на Венгер станува хроничен, односно упорно го форсира својот стил без никакви промени. Венгер се обидува да направи Арсенал како оној од времето на Анри, Пирес, Љунгберг, Беркамп, но проблемот е што од овие талентирани млади дечки (Волкот, Насри, Вилшер, Бендтнер...) само Фабрегас има карактер на погоре споменатите.
Манчестер Јунајтед – ситуацијата во Манчестер е доста интересна. На прв поглед се чини како Ферги пред почетокот на сезоната да имал состанок со Гигс и Сколс и да се договориле: „Ајде да го минеме Ливерпул по бројот на титули и одиме во пензија“. Секоја чест „ВЕТЕРАНИШТА“! Рајан Гигс и Пол Сколс се живи фудбалски легенди. Еден Дарен Флечер, еден Стивен Џерард, еден Керик може да се срамат кога ги гледаат овие бисери на британскиот фудбал. Да играш со исто срце, со истата желба за триумф, со истиот жар, со многу помала фудбалска кондиција на триесет и кусур години, тоа е нешто за респект. Сепак како што тргнале работите ветераните немаат поддршка од остатокот (барем засега): Руни е во очајна форма, Валенсија скрши нога, Флечер и Керик се катастрофа, одбраната со раставено дуо Рио-Видиќ е бледа ... Единствено квалитетот на Фергусон како стратег дава надеж дека Јунајтед може да се крене и да експлодира. Само да не биде доцна?!
Ливерпул – од очај во подлабок очај. Имав можност да следам неколку средби во Лига Европа. Колку само неубедливо делуваат против ништожни екипи. Иако играат со комбиниран тим на тие средби сепак тој податок кажува за длабочината на тимот. Сезоната за нив не би требала да биде поразлична од лани. Доколку стигнат до четворката треба да ја слават како да победиле. За Ливерпул, за тимот со најдобра публика – премалку.
Челзи – застрашувачки делува оваа машина на стартот од сезоната. Некои злобници ќе речат дека Челзи имаше лесни противници, но еден факт е јасен: загарантирана најдобра гол-разлика по само пет кола, убиствен напад, расположен Флоран Малуда, моќен Есиен, гранитна одбрана. Се ама баш се говори дека Челзи ќе ја одбрани титулата во Англија. Од почит кон Фергусон, не сакам да се осудам да го промовирам Челзи во старо-нов првак по само 5 кола.
Интересна ЛА ЛИГА – коментарите за Примера Дивизион ги оставам за целосен пост посветен на Шпанија. Само како вовед можам да спомнам дека Реал полека заличува на Мурињо-тим, но стабилно гради цврст менталитет. Барселона се опорави после киксот со Херкулес со две екстра победи. Првите три кола навестуваат два + еден битка за титулата (Барса и Реал + Атлетико).
П.С. Најнегативниот настан е повредата на Меси и бруталниот старт на Томас Ујфалуши. Среќа за љубителите на добриот фудбал е дека магијата на Меси ќе се врати за 10тина дена.
П.П.С. Задолжително погледнете го голот на Јари Литманен со ножички!