Лигата на Шампиони на УЕФА е натпреварување со голема традиција. Колку и да се залажуваат некои фанови дека титулата од домашните првенства за нивните екипи претставува поголем престиж се лажат. Самиот факт дека од титулата во првенството не се добива никаква награда говори во полза на тезата за поголемата вредност на титулата од Шампионската Лига. А добивките во последните години се различни, но во просек последните неколку победници инкасираа на своето салдо добивки од околу 40 милиони евра. Годинашната Лига на Шампиони е пред крај, односно остана да се одигра уште финалето помеѓу Баерн и Интер. Шампионот ќе го дознаеме во сабота, но ајде да направиме еден мал преглед за тоа кој е рецептот за да се освои ЛШ.
Ако се земе во предвид податокот дека ниту една екипа ја нема освоено два пати по ред (ЛШ во форматот од 1992 па наваму) доаѓаме до неизбежниот заклучок дека рецептот е ѓаволски тежок. Состојките кои се потребни се уште потешки за наоѓање, а нивно добро компонирање за да се постигне саканиот резултат исто така. Морам да го нагласам ставот дека секоја година не победува најсилниот состав. Меѓутоа победникот си е победник, па гледајќи од таква перспектива никој после 15 години нема да се сеќава на фактот дека победникот за одредена сезона не бил најквалитетен.
Најчестите состојки за успех се добар стратег, екипа со традиција, екипа што знае да одигра на резултат, екипа што знае да одигра нокаут рунда, квалитетна екипа, среќа ... Кога човек ќе ги погледне наведенинте состојки редоследно веднаш за нив може да се врзат по една или повеќе екипи или актери: тренер - Мурињо, екипа за нокаут рунди - Ливерпул, среќна екипа освојувач - Манчестер, квалитетна екипа - Барса, Реал, Милан ...
Би сакал да образложам некои од примерите:
Состојката тренер што одвел екипа до триумф ја доделив на Мурињо од времето на Порто (постои можност да го повтори и со Интер). Значи еден од најголемите Португалски клубови (после Бенфика) можеме слободно да кажеме дека имаше златна генерација на играчи (Деко, Карваљо, Фереира...) меѓутоа елиминирањето на противници од ранг на Јунајтед е залуга на извонредниот тренер. Мурињо направи вистинска револуција со тој тим на Порто, па така големи пари се свртеа во клубот, а профитираше и тој самиот со преминот во Челзи. Нешто слично е и со Интер. Од губитнички тим со многу мала самодоверба (во Евро Куповите) Мурињо изгради еден стабилен Интер достоен за почит.
Ливерпул го ставив во екипи кои знаат да одиграат елиминациска рунда (двомеч) од причина што тимот знае да добива мечеви дури и кога има неповолен резултат на домашен терен. Значи тоа е тим кому не му пречи дали возвратниот дуел го игра дома или на гости. Со еден збор можам да кажам дека тој е еден од тимовите што играат со срце дури и кога се квалитативно послаби од противниците.
Квалитетна екипа освојувач. Ова категорија ќе предизвика полемика кај читателите бидејќи станува збор за субјективна категорија (секој си го замислува квалитетот на свој начин). Сепак мојот избор за квалитетен состав освојувач би бил: Барселона 1992, Реал 2000, Ајакс 1995, Милан 1994. Секако и полуписмен човек може да ги одвои ваквите освојувачи од на пример титулите на Порто, Јунајтед, Ливерпул. Тоа се трофеи остварени со убедлива игра низ целата сезона во ЛШ.
Категорија среќа. За оваа категорија или состојка за освојување може да кажеме дека е присутна во сите претходни. Можеме да кажеме дека Барса го имаше најквалитетниот состав во 2009, но мина полуфинале со гол во последна минута, Милан го победи Јуве 2002 без Недвед во здодевен натпревар на пенали, Ливерпул во 8 минути стигна 3:0 и победи на пенали над Милан итн. Сепак најдрастичен е примерот на Јунајтед во 1999 кога добија финале во две минути откако неможеа 90 минути да состават две додавања.
Како ќе го окарактеризираме годинешниот победник? Премногу тешко прашање. Но, она што би го напишал за Интер во случај да победи секако би важело и за Баерн во случај да го стори истото. А зошто? Затоа што тоа се две слични приказни, два слични патишта, а слободно можам да кажам дека следниве 5-6 години нема да помирисаат слична прилика да играат финале (останува да ме демантираат)!
Баерн Минхен. Докажано тренерско име со специфична фудбалска филозофија, доста оспоруван во минатата сезона, а имаше и зошто. Сепак годинава е на пат да освои тројна круна што навистина не е нималку лесна работа. Баерн е екипа со извонредна традиција во Лига на Шампиони и една од екипите кои играат со срце и во ситуации кога се послаби од противниците. За Баерн важат сите принципи на Германската фудбалска филозофија - игра до последен свиреж, трчење во сите 90 минути и нема лесно губење на средбите. Патот до финалето беше навистина тежок. И ако во ноември никој не им даваше шанса сепак успеаа да го фатат последниот воз во групата и да влезат во нокаут фазите. А имаа релативно лесна група. Сепак на крајот дури во последното коло мораа да победат кај Јуве. И победија! Следуваше тежок двомеч со Фиорентина. Судиската грешка од Алијанц Арената полека паѓа во заборав, но не и за „виолетовите“. Она што „Баварците“ ги прави заслужени финалисти се секако ОГРОМНАТА победа над Јунајтед и демолирањето на Лион. Главниот играч во скоро сите решавачки моменти кај Баерн е Арјен Робен - играч што не му беше потребен на Реал Мадрид (во сезоната без титула). Играч-џокер - Ивица Олич - „спасителот од нула евра“.
Интер. Фантастичен тренер - веројатно најдобриот во таа категорија на денешницата. Бледа сезона во ланската Шампионска Лига, но годинава доби ултиматум дека мора да оствари резултат токму тука. И Интер е во битка за тројна круна, но за разлика од Баерн Минхен повеќе од 30 години нема почувствувано финале, а повеќе од 40 години титула. Во однос на фудбалската филозофија тоа е би рекол синтеза на италијанското катанаџо и тактиката на Мурињо - важно е да се победи без некоја посебна убавина. Патот до финалето за Интер беше навистина тежок. Во групата со Европскиот владетел и двата големи тима од источниот блок лесно можеше да му се случи прерана елиминација. Висеа на конец со Динамо во Киев, а тешко поминаа и во решавачкото коло со Рубин. Она што ги прави залужени финалисти се елиминациите на двата гиганта - Англискиот и Шпанскиот првак. Дуелот со ЦСКА беше лесна „домашна задача“ за тренер од калибар на Жозе. Главниот играч кај Интер оваа сезона е (иронично) Весли Снајдер - играч што не му беше потребен на Реал Мадрид (во сезоната на залудно потрошени 250 милиони евра). Играч - џокер е Диего Милито. Сепак мора да се признае одличниот кадровски менаџмент и пополнувањето на слабите позиции со одлични засилувања - најпрво Милито и Мота, па Ето, па Лусио преку Снајдер до зимското откритие Горан Пандев.
За крај на овој пост би завршил со заклучокот дека завршува уште една сезона од Шампионската Лига интересна и привлечна од почеток до крај. Новиот шампион ќе освои „триплет“ титули и ќе биде во позиција да игра за 6те возможни титули во една сезона (нешто што само Барса лани го направила). Постои опција Македонија да добие освојувач на титула во името на Горан Пандев. Со нетрпение го очекуваме финалето!